Skip to main content

Хамилтон и Мекларен без поени

На светскиот шампион во Формула 1, Луис Хамилтон, му е одземено третото место во првата трка од сезоната што минатиот викенд се возеше за Големата награда на Австралија.

 |  Крсте Голабовски  | 
Luis Hamilton
Луис Хамилтон
На светскиот шампион во Формула 1, Луис Хамилтон, му е одземено третото место во првата трка од сезоната што минатиот викенд се возеше за Големата награда на Австралија во Мелбурн, откако стјуардите вчера пресудија дека тој и неговиот тим Мекларен намерно ги довеле во заблуда. Интернационалната автомобилистичка федерација (ФИА) во своето соопштение издадено во пресрет на Малезиското гран-при објави дека и Хамилтон и неговиот тим се дисквалификувани од остварениот поредок во трката што се одржа во неделата. Истовремено, на Јарно Трули од Тојота, кој по сослушувањето по трката беше казнет со 25 секунди и падна на 12. место поради престигнување на Хамилтон за време на второто појавување на безбедносното возило на патеката, си го доби назад третото место.

Стјуардите вчера повторно го отворија случајот откако се појавија „нови елементи“ и го повикаа Хамилтон да се појави пред нив на патеката Сепанг. Нивниот заклучок е дека „Хамилтон и Мекларен влијаеја врз одлуката за случајот со доставувањето доказ со кој намерно ги доведоа во заблуда стјуардите на сослушувањето во неделата“.

Имајќи предвид дека тимскиот колега на Хамилтон, Хеики Ковалаинен, не ја заврши трката во Мелбурн, Мекларен сега е во иста позиција како првакот Ферари, кој исто така е без бодови. Тојота, пак, изрази протест по трката во Алберт Парк, но во средата реши да не вложува жалба, чувствувајќи дека нема шанса одлуката да се смени.

Трули, кој се излизга од патеката и беше поминат од Хамилтон додека безбедносното возило се наоѓаше на патеката, по трката изјави дека немал избор освен повторно да го престигне Британецот.

„Кога излезе возилото за безбедност во завршницата од трката, Луис Хамилтон ме помина, но веднаш потоа нагло забави и се доближи до работ на патеката“, беше изјавата на Италијанецот во соопштението што го објави тимот по трката. „Помислив дека тој има проблем, па го престигнав, со оглед на тоа дека не можев ништо друго да сторам“.

bolidХамилтон, пак, за телевизијата Спид изјави дека Трули излегол длабоко во тревата во последниот свиок.

„Бев принуден да поминам. Ја намалив брзината најмногу што можев, бидејќи ми беше кажано да го пуштам да се врати пред мене. Не знам дали тоа е недозволено според правилата, а ако не е, тогаш навистина треба да останам трет“, смета бранителот на титулата.

Тој и неговиот тим би можеле да бидат и дополнително казнети од ФИА за прекршување на членот 151 ц од правилата, истиот тој што во сезоната 2007 ги чинеше 100 милиони долари и бришење на сите бодови на Мекларен во поредокот на конструкторите поради шпионирање на Ферари.

Во ревидираниот генерален пласман сега Трули е трет со шест бода, а Хамилтон остана без поени. Во исто време, Мекларен го загуби второто место кај конструкторите, на кое сега е Тојота со 11 бода.

Нов поредок на возачите: Батон 10, Барикело 8, Трули 6, Глок 5, Алонсо 4, Розберг 3, Буеми 2 и Бурде 1. Конструктори: Браун 18, Тојота 11, Рено 4, Вилијамс 3 и Торо росо 3.

 

{loadposition content9}