Хваранг Фист со одличен настап во Македонската теквондо лига
Теквондо клубот „Хваранг Фист“ од Охрид оствари одличен резултат на Второто коло од Македонската теквондо лига, кое викендов се одржа во Скопје во организација на Теквондо клуб Бутел и Македонската теквондо федерација.
На натпреварот учествуваа 310 натпреварувачи од 19 клубови од државата, кои се бореа за нови бодови во лигашкиот поредок. Охридскиот клуб, предводен од тренерот Ацо Јосифоски (5 дан), настапи со 19 натпреварувачи во категориите пионери, кадети и јуниори.
Најголем успех забележаа јуниорите Петар Петкоски, Ѓорѓи Петкоски, Јана Спироска и Ненад Целески, кои со освоени четири златни медали во своите категории го искачија „Хваранг Фист“ на врвот во јуниорска конкуренција.
Дополнително признание за клубот донесоа Јана Спироска и Ненад Целески, кои беа прогласени за најдобра јуниорка и најдобар јуниор на колото.
Во пионерска конкуренција, Максим Ристески доминираше во категоријата до 25 килограми и со три победи го освои златниот медал.
Бронзени медали освоија пионерите Димитар Грујоски, Христијан Николоски, Ристе Ѓелески, Маријана Илческа, Леона Павлеска и Љубица Митреска, кои беа поразени во полуфиналните борби. Јоаким Најдески и Радмила Огненоска стигнаа до финале, но во драматични завршници ги загубија мечевите со само еден поен разлика и се закитија со сребрени медали.
Со бронзени одличја се вратија и кадетките Марија Неделкоска и Анастасија Спироска, додека јуниорките Емилија Целеска и Доротеа Најдеска, и покрај добрите настапи, беа запрени во полуфиналето.
Крајниот биланс за „Хваранг Фист“ на ова коло изнесува 5 златни, 2 сребрени и 10 бронзени медали, со освоени нови 81 бод во Македонската теквондо лига.


