Skip to main content

Илинденски маратон

Ивана Неделковска и Евгениј Поп Ацев победници на Илинденскиот маратон

Ивана Неделковска и Евгениј Поп Ацев, победници на третата трка од Македонскиот куп во далечинско пливање, популарниот „Илинденски маратон“, кој денес се одржа на патеката од плажата Горица до пред хотелот Ривиера. Купот беше во организација на Пливачкиот Клуб „Охридски бранови 2008“,а под покровителство на Советот на општина Охрид.
 |  инфодеск  | 
Илинденски маратон

Повеќе од педесет млади пливачи и пливачки, кои несомнено се иднината на македонското пливање, денес учествуваа на Илинденскиот пливачки маратон. Станува збор за третата трка од Македонскиот куп во далечинско пливање . На „Илинденскиот куп“, учествуваа пливачи од Македонија и странство, кои се натпреваруваа во две групи-категории. Во првата група се пливачи постари од 16 години , родени во 2007 година и постари. Во втората група се натпреваруваа пливачи од 8 до 15 годишна возраст, односно родени 2008 година и помлади.

Прв на целта пристигна искусниот маратонец, Евгениј Поп Ацев, кој за трката кажа дека била возбудлива, и до самиот крај неизвесна.

„Езерото беше прекрасно денеска, многу убава трка и прекрасна манифестација. Ова е моја прва трка која маратонски сум ја пливал уште во 1999 година и драго ми е сега после 24 години што повторно сум тука. Се чувствувам како и првиот пат. Истата возбуда истото се. Беше многу убава трка. До самиот крај, беше фото финиш меѓу мене и Никола. Секогаш ми е драго да сум тука во Охрид и повторно да се натпреварувам.“ – изјави Поп Ацев.

Поп Ацев кажа дека годинава конкуренцијата навистина била силна. До самиот финиш вели тој, останале четири или пет пливачи и додаде дека, новите млади пливачи кои доаѓаат, ќе ја направат оваа трка уште поинтересна.

Во женска конкуреција на патеката најбрза беше Ивана Неделковска.

„Денес го пливав маратонот од 2.5 км. Беше напорно. Ама завршивме и среќна сум. Мирно беше, добро беше за пливање. Веќе 5-6 пат го пливам истиот маратон.“ – изјави Ивана Неделковска.

За Бошко Илиев, кој по вокација е доктор специјалист по спортска медицина, маратонското пливање е еден вид на хоби, една негова опсесија, која започнала уште од 2001 година кога ја испливал патеката од Пештани до Охрид. Илиев вели дека плива речиси на сите поголеми маратони во земјите од регионов, односно од 10 до 15 маратони во една година.

„До сега имам остварено 129 маратони од кои 89 меѓународни. Јас пливањето го сакам, практикувам од мали нозе, но доцна почнав да се занимавам со овие активности. На специјализација кога бев во Скопје во 2001 година добив идеја да исливам една подолга релација. Ја замислував релацијата од Охрид до Струга и ја испливав во 2005 година од Хотел Дрим Струга до Охрид за 6 часа и 44 минути.“ – изјави Д-р. Илиев.

„Илинденскиот куп“ беше во организација на Клубот за спортови на вода „Охридски бранови 2008“ од Охрид, под покровителство на Советот на Општина Охрид, помогнато од Костал Македонија.