Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) на конгресот во Мексико Сити ги прими Косово и Гибралтар како свои нови членки. Делегатите на конгресот во мексиканската престолнина со 141 глас за и 23 гласа против го примија Косово како 210 членка на ФИФА. На почетокот на мај тоа го направи и УЕФА што беше и услов ФИФА да го прими Косово како членка.
“Косово се соочува со предизвици, тоа е очигледно. Потребни се нови инвестиции. Има многу финансиски предизвици и организацискиот капацитет е ограничен. Но, и покрај тоа, таму има очигледна љубов и страст кон фудбалот и голем потенцијал. Косово ги исполнува сите критериуми”, нагласил членот на советот на ФИФА, Senes Erzik.
Одлуката на ФИФА предизвика еуфорија на косовското фудбалско водство, “мојата земја долго чекаше на ваква одлука. Фудбалските вредности се одбранети, благодарам на сите”, изјавил претседателот на Косовскиот фудбалски сојуз, Фадиљ Вокри.
Во име на фудбалскиот сојуз на Србија на конгресот се обратил потпретседателот Жељко Којиќ кој пред гласањето ги повикал делегатите да не го признаваат Косово. “Многу делегати се свесни за нашиот став. УЕФА го призна Косово така што го прекрши статутот. Постојат големи сомнежи а законитоста на оваа одлука, а спрема наше мислење таа е нелегална. Косово не е членка на Обединетите нации”, рекол Којиќ пред гласањето.
Освен Косово, ФИФА во својата организација го прими и Гибралтар. Ова значи дека двете репрезентации ќе добијат место во квалификациите за Светското првенство во Русија.