По неделните избори во Каталонија и победата на сепаратистичките партии, тамошните медиуми се согласни дека Каталонија го продолжува патот кон својата независност. Спрема проекциите на победничките партии, Каталонија би можела да биде независна веќе во 2017 година, но се чини дека тоа е преоптимистичка прогноза која тешко ќе се отствари во следните две години.
Како и да е, челниците на Здружението на професионални клубови и Шпанскиот спортски совет јавно порачаа дека во тој случај Барселона нема да може да продолжи со играње во шпанското првенство. Во Каталонија тие изјави ги нарекоа како продолжение на кампањата на сеење страв за да ги оттргне Каталонците од гласање за партиите кои се залагаат за отцепување.
Иако во Каталонија размислувањата се дека никому не му е во интерес Барселона да ја напушти Примера, а најмногу на нејзиниот најголем ривал Реал Мадрид, бидејќи Барселона ги полни стадионите и клупските сметки, Барселона не смее ништо да препушти на случајноста па веќе тргна во разработка на сите можни сценарија, пишуваат каталонските медиуи.
Едно од сценаријата е Барселона да се приклучи кон француското првенство, односно статусот да биде сличен на оној каков што е на Монако.
Каталонците се со мислење дека со излегувањето на каталонските клубови од лигите во Шпанија во сите спортови повеќе ќе изгуби Шпанија отколку Каталонија и на крајот сепак ќе дојде до договор помеѓу двете страни.
Не е тешко да се заклучи дека шпанската лига без Барселона и Еспањол, односно без ѕвездите на Барса, Меси, Нејмар, Суарез, Иниеста и останатите ќе биде значително ослабена и неатрактивна. Каталонците се сигурни дека Примера ќе изгуби значителен дел од колачот од телевизиски права и така Реал Мадрид без својот најголем ривал тешко би ги задржал своите најголеми ѕвезди. Тие веруваат дека и Кристијано Роналдо истиот момент би заминал во Англија или Франција, односно ПСЖ, кој веќе минатото лето најави дека сака да го купи, а така дуелот Роналдо-Меси би продолжил во Франција.
Ако пак мадридската централа истрае на тоа дека Барселона мора да ја напушти Примера, каталонскиот џин очигледно има намера да се приклучи на француското првенство. Наводно, челниците на Барселона во таа насока веќе побарале помош од претседателот на УЕФА, Мишел Платини, кој како икона на францускиот фудбал ужива голем авторитет во таа земја и има силни врски.
Каталонците се уверени дека големите француски клубови би сакале да ја видат Барселона во нивното првенство. Причините се јасни како ден: со доаѓање на Барселона француската лига би била можеби најатрактивна лига во Европа, што би значело зголемување на приходите на француските клубови. Потенцијалните дербија со ПСЖ, Марсеј или Лион за Барселона би биле повеќе од достојна замена за средбите со Реал Мадрид, Атлетико или Валенсија. Во Каталонија мислењата се дека француската лига за Барса би била поисплатлива бидејќи Франција е сепак поголема и економски доста посилна земја од Шпанија во чиј фудбал енормно вложуваат арапските милијардери, а тој тренд веројатно ќе продолжи и значително би се зголемил доколку се приклучи Барселона.
Заклучокот на Каталонците е дека Барса нема да пропадне ако ја напушти Примера, но се прашуваат што ќе биде со Реал Мадрид?