Германскиот магазин Bild открива дополнителни промени кои УЕФА има намера да ги воведе во Лигата на шампиони за сезоната 2018/19. Освен бројот на учесници од најсилните лиги во Европа, УЕФА за споменатата сезона ќе ја промени и сатницата на одигрување на натпреварите. Со други зборови, нема повеќе да гледаме Лига на шампиони во вообичаениот термин 20.45.
Bild тврди дека УЕФА ќе ги подели натпреварите на два термини во денот или идентично како што тоа се прави во Лига Европа, во 19.00 и 21.00 часот во вторник и среда по средноевропско време. Тоа значи дека истовремено ќе се играат по четири натпревари. Ова правило нема да се применува за Русија и Казахстан каде натпреварите и понатаму ќе започнуваат во 18 часот по средноевропско време.
Со овие потези УЕФА ќе ги зголеми приходите од маркетинг и од продажба на телевизиските права.
Да потсетиме, најголемата промена за сезоната 2018/19 е тоа дека од четирите најсилни лиги во Европа ќе има по четири претставници директно во групи.