Skip to main content

„Кралот на земјата“ Надал го одигра последниот меч во кариерата

„Вистината е дека никогаш не сакате да стигнете до оваа точка. Не сум уморен од играњето тенис, но моето тело веќе не сака да играм и мора да го прифатам тоа. Се чувствувам суперпривилегирано што успеав моето хоби да го претворам во мојата професија“, изјави 38-годишниот Надал.
 |  инфодеск  | 

Поминаа 22 години, шест месеци и 21 ден oд првиот АТП меч на Рафаел Надал кој го одигра на 29. април 2002 година.

Богатата тениска кариера на Рафаел Надал заврши синоќа откако Шпанија изгуби од Холандија во Дејвид купот во Малага.

„Во овие 20 години професионална кариера вие бевте тие кои ме носевте низ добрите времиња, а во лошите времиња ме туркавте да продолжам. Вистината е дека никогаш не сакате да стигнете до оваа точка. Не сум уморен од играњето тенис, но моето тело веќе не сака да играм и мора да го прифатам тоа. Се чувствувам суперпривилегирано што успеав моето хоби да го претворам во мојата професија“, изјави 38-годишниот Надал, чие име беше извикувано од над 11.000 гледачи на трибините.

Во публиката беа и најблиските на Надал: сопругата Мери, синот Рафаел, родителите Марија и Себастијан и сестрата Марибел.

Надал се повлече како вториот најуспешен играч во машкиот тенис, зад Новак Ѓоковиќ. Во кариерата долга 23 години освои 92 АТП-титули, од кои 22 на гренд слем и 36 на мастерс турнирите и помина 209 недели како светски рекет број еден. Освои олимписко злато во 2008 и 2016 и четирипати славеше во Дејвис купот со Шпанија.

Швајцарскиот тенисер Роџер Федерер, еден од најдобрите во историјата на овој спорт, испрати емотивна порака до Рафаел Надал по повод неговото најавено повлекување од активното натпреварување.

Прво и основно: ме победи – многупати. Повеќе пати отколку што јас успеав да те победам тебе. Ме предизвикуваше на начини на кои никој друг не можеше. На земјена подлога, секогаш имав чувство дека влегувам во твојот „двор“, и ме тераше да работам повеќе одошто сум мислел дека можам, само за да го одржам својот статус. Ти ме натера да ја променам мојата игра – дури отидов толку далеку што ја сменив и големината на главата на рекетот, надевајќи се на некаква предност, напиша меѓудругото Федерер во емотиовната порака до Надал.

„Бикот“ на патиките на Рафаел Надал ќе остане запаметен како симбол на неговата борбеност и пожртвуваност на теренот. Со интересно видео неговиот главен спонзор компанијата „Најк“ му се заблагодари на Надал за неговата неверојатна кариера.