Ламар Одом доаѓа во европската кошарка
Ветеранот, откако не успеа да пронајде ангажман во НБА лигата, оваа сезона би требал да ја доигра во дресот на Лаборал Каха.
Еден од најпознатите европски кошаркарски менаџери, Мишко Ражнатовиќ, на чиј список на клиенти се наоѓа и Перо Антиќ, е најзаслужен за новиот ангажман на Ламар Одом, негов прв вон НБА лигата.
Искусниот крилен центар се очекува оваа седмица да го официјализира потписот со шпанската Лаборал Каха, екипа во која тој би требал да остане најмалку до крајот на оваа сезона. Како што најавуваат некои американски медиуми, во договорот на Одом нема да има клаузула која ќе му дозволи во случај на понуда веднаш да се врати во НБА.
Наместо тоа 34-годишниот Одом својата шанса за камбек во најсилната лига на светот ќе ја бара во текот на летниот период до кога се надева дека барем делумно ќе успее да се врати во некогашната форма.
Главна причина за неуспехот на Одом да си пронајде нов НБА клуб по крајот на соработката со Клиперси минатото лето беа неговите проблеми со опијатите и алкохолот. Поради тоа на 9. декември минатата година тој доби условна казна од три години затвор, како и тримесечно лечење од алкохолизам во клиника специјализирана за зависности.
Одом во својата кариера покрај за Клиперси настапуваше и за екипите на Мајами, Далас и Лејкерси освојувајќи две шампионски титули со последниве 2009. и 2010. година. Наредната година ја доби наградата за најдобар шести играч, а со САД освои две медали, бронзата на ОИ во Атина 2004-та и златото на СП во Турција 2010. година.
Во својата НБА кариера Одом има просек од 13.3 поени, 8.4 скокови и 3.7 асистенции.
{loadposition content9}