Лицата со телесен инвалидитет преку спортот го јакнат здравјето, духот и постигнуваат резултати
Повеќе од неопходна е инклузија на лицата со телесен инвалидитет преку спортот во општеството. Викендов на СРЦ „Билјанини извори“ се одржаа 35-те Републички спортски игри на лица со телесен инвалидитет. Спортот и телесните вежби за лицата со инвалидитет не се само спорт. Тоа е и здравје. Кај голем дел од овие лица, поради намалената мобилност се зголемува ризикот од кардио-васкуларни заболувања, па поради тоа ваквите активности за овие лица се апсолутна придобивка, истакна Бранимир Јовановски – Претседателот на Националниот сојуз „Мобилност“.
„Убаво е да се види задоволството на нивните лица, убаво е да се види и дека државата води грижа, овозможувајќи тие денес да бидат овде со нас. Денес не има повеќе од 100. И тоа само од Државното првенство. Ако ги земеме оние кои поминале квалификации преку општинските организации, можеби над 500 инвалиди биле анимирани за да се занимаваат со спорт.“-изјави за ТВМ Јовановски.
Македонија докажа дека има врвни спортисти меѓу лицата со телесен иивналидитет. Но, за овој момент да стане пракса потребно е да се исполнат голем број на фактори вели Бранимир Јовановски.
„Јас знам дека онаму каде што сега сум тренер има само една формула за да успеете во спортот, но тоа не е гаранција дека ќе успеете, дека ќе освоите медал на некое големо првенство. Но, е предуслов. А тоа е 6 часа работа во 6 дена од неделата 11 месеци во годината. Мора да се направи тренажен процес и циклус каде спортистите непречено и неоптоварени со никакви грижи, со обезбедени услови и реквизити ќе имаат можност со квалификувани стручни кадри да тренираат и тоа е единствениот услов да се стане успешна нација. Меѓутоа за се ова да се оствари потребен е сериозен буџет.“ – дециден е Јовановски.
На спортските игри учествуваа 110 спортисти во атлетика, пинг понг и стрелаштво, од кои 61 натпреварувачи (20 жени и 41 мажи) членови на „Мобилност-Македонија“ од општните: Битола, Скопје, Штип, Куманово, Кратово, Дебар, Кочани, Велес, Кичево, Струга, Тетово, Свети Николе, Струмица, Радовиш, Гевгелија. Инаку, овие спортски игри се и меѓународни, па така, учество зедоа и спортисти од Црна Гора, Србија и Хрватска. Советникот од Општина Охрид Наум Јамандиев истакна дека инклузијата и грижата на лицата со телесен инвалидитет, останува еден од приоритетите на Општина Охрид. Тој им посака успешно натпреварување на натпреварувачите.
„Триесет и пет години по ред во Охрид се одржуваат овие спортски игри. Општина охрид вложува многу во инклузија на лицата со телесен инвалидитет. Вратите наши ќе бидат секогаш отворени за овие лица и ќе им помогнеме во најдобра мера да може да ги искажат своите спортски успеси резултати и понатаму да продолжат по борилиштата низ Европа и Светот.“ – кажа јамндиев.
На регионалните спортски игри беа присутни спортисти кои отскокнуваат со своите резултати и кои заслужуваат да бидат дел од националните селекции, како една Оливера Накова Биковска, која стана и своевиден спортски симбол на Македонија, истакнаа организаторите. Организатор на Регионалните Спортски Игри е Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија. Натпреварите се одвиваа викендов на терените на Спортско рекреативниот центар „Билјанини извори“ во Охрид, каде и беа прогласени победниците и доделени наградите и медалите.