Skip to main content

Лудило во Лисабон

Пристигнуваат 120.000 навивачи од Мадрид

 |  инфодеск  | 

 

Точно 19 дена пред отварањето на Светското првенство во Сао Паоло, во Лисабон ќе биде кулминацијата на клупската сезона – финалето во Лигата на шампиони помеѓу двата мадридски тима Реал и Атлетико.
Саботната пресметка на Луж ќе биде петто финале во историјата на Лигата на шампиони во кое ќе играат тимови од иста земја, но прв пат доаѓаат од ист град.
Реал во Лисабон оди по десеттата круна – „decima„ прва по 12 години, додека Атлетико ќе го лови својот првенец во елитното друштво по своето досегашно едно финале во 1974 година кога изгуби од Баерн Минхен.
Реал предводен од Роналдо и Бејл, двајцата најскапи играчи во историјата на фудбалот, кој се платени скоро 200 милиони евра, по изгубената Примера сите карти ги фрли на овој натпревар. Атлетико пак, по освојувањето на Примера, првa по 28 години, посакува ново чудо.
Кралскиот клуб на клупата го има Карло Анчелоти кој со Милан два пати го подигнуваше трофејот, но успеа да го изгуби невозможното, водството од 3-0 против Ливерпул во 2005 година. Реал го има и Роналдо кој славеше со Јунајтед во 2008 и Икер Касиљас кој два пати бил во најдобрите, последниот во 2002 година против Баер Леверкузен. Во екипата на Атлетико само Давид Виља има трофеј во дресот на Барселона, дури беше и стрелец во финалето против Манчестер Јунајтед во 2011 година.
“Финалето е секогаш отворено, еден натпревар, играме против екипа која е првак на Шпанија, која покажа дека психолошки е спремна на се. Не сме оптеретени со „decima„ но верувам во својата екипа„ порачал Анчелоти.
Неговиот колега Симеоне,поради повредите на Диего Коста и Арда Туран, не спие мирно,но е полн со оптимизам.
„Не чека борба во сите 90 минути, можеби и подолго. Играчите се спремни, а кој и да излезе на терен ќе се бори како лав„ јасен е аргентинскиот експерт.
Проблеми со составот има и Реал, бидејќи Чави Алонсо нема право на настап поради жолти картони, а настапот на Бензема е под знак прашање поради повреда. Единствено се знае дека Роналдо се опорави и ќе игра.
Шпанските медиуми најавуваат дека се спрема инвазија во Лисабон. Во главниот град на Португалија ќе дојдат 120.000 навивачи, што значи дека секој втор ќе остане надвор од стадионот.
Атлетико ќе игра во дресовите со посвета на Луис Арагонес, стрелецот на голот во финалето против Баерн во 1974 година и најдобар стрелец во историјата на клубот, кој неодамна почина.
Финалето помеѓу Реал и Атлетико се игра во сабота во 20.45, а главен судија ќе биде Холанѓанецот Бјорн Киперс.
{loadposition content9}