Охрид од 15 до 18 јуни ќе биде домаќин на меѓународниот младински кошаркарски турнир OHRID HOOPS 2026

Од 15 до 18 јуни, Охрид ќе биде домаќин на меѓународниот младински кошаркарски турнир „OHRID HOOPS 2026″, кој годинава ќе собере 11 екипи од пет држави – Македонија, Албанија, Грција, Турција и Црна Гора.
Турнирот, во организација на КК „Колибри”- Охрид и со поддршка на Општина Охрид, ќе се одржи во категориите U11, U13 и U15, а младите кошаркари ќе имаат можност да ги покажат своите способности и талент во четиридневна спортска програма исполнета со натпревари, дружење и нови пријателства.
Посебно внимание привлекува учеството на втората екипа на турскиот кошаркарски гигант Anadolu Efes, како и на реномираниот грчки клуб BC AIAS Evosmou од Солун, што дополнително го потврдува меѓународниот карактер и растечкиот углед на турнирот.
Покрај спортскиот дел, годинава организаторите воведуваат и едукативна содржина. За првпат ќе биде организирана панел-дискусија посветена на работата со најмладите кошаркари и нивната физичка подготовка. Главен предавач ќе биде Марко Рајовиќ, директор на Sports Performance при Кошаркарскиот сојуз на Црна Гора, кој ќе ги сподели своите искуства и современи практики во развојот на младите спортисти.
Сите натпревари ќе бидат пренесувани во живо преку интернет, овозможувајќи им на родителите, пријателите и љубителите на кошарката од регионот да ги следат натпреварите во реално време.
Свеченото отворање на турнирот ќе го означат градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков и почесниот конзул на Р. Србија во Македонија Михајло Филев, испраќајќи порака за важноста на младинскиот спорт и меѓународната спортска соработка.
Организаторите истакнуваат дека „OHRID HOOPS 2026″ не е само спортски настан, туку место каде што се создаваат нови пријателства, се градат спортски вредности и се развиваат идните генерации спортисти.
Со учество на екипи од пет држави, едукативна програма, директни преноси и хуманитарна мисија, Охрид и ова лето ќе биде вистински регионален центар на младинската кошарка




