Skip to main content

Успех за младите таеквондисти на М.Т.Т.Ф. на „Плевен Опен 2026“

Младите натпреварувачи остварија одличен резултат, освојувајќи два сребрени и три бронзени медали.
 |  инфодеск  | 

Македонската Традиционална Таеквон-до Федерација (М.Т.Т.Ф.) викендов учествуваше на меѓународниот таеквон-до ИТФ натпревар за деца до 14 години „Плевен Опен 2026“, каде младите натпреварувачи остварија одличен резултат, освојувајќи два сребрени и три бронзени медали.

Под водство на Марјанчо Лазаревски, боите на М.Т.Т.Ф. ги бранеа шест натпреварувачи, од кои петмина беа членови на Таеквон-до клубот „ХВА РАНГ ИТФ“ од Лескоец – Охрид, а еден натпреварувач настапи од Таеквон-до клубот „СОНКАЛ“ од Мислешево – Струга. Сите натпреварувачи настапија во дисциплината спаринг, односно борби, каде што се соочија со силна меѓународна конкуренција.

И покрај предизвиците, младите таеквондисти покажаа борбеност, храброст и пожртвуваност, достојно претставувајќи ги своите клубови, Федерацијата и Македонија.

Освојувачи на медали:

  • Емилија Трајческа – сребрен медал во спаринг, категорија до 35 кг, девојчиња од 8 до 9 години. Членка на ТК „ХВА РАНГ ИТФ“ – Лескоец, Охрид.
  • Ива Наумоска – сребрен медал во спаринг, категорија до 40 кг, девојчиња од 10 до 11 години. Членка на ТК „ХВА РАНГ ИТФ“ – Лескоец, Охрид.
  • Меланија Стојановска – бронзен медал во спаринг, категорија до 30 кг, девојчиња од 10 до 11 години. Членка на ТК „ХВА РАНГ ИТФ“ – Лескоец, Охрид.
  • Миа Танеска – бронзен медал во спаринг, категорија над 55 кг, кадетки од 12 до 13 години. Членка на ТК „ХВА РАНГ ИТФ“ – Лескоец, Охрид.
  • Кристијан Гагалески – бронзен медал во спаринг, категорија до 30 кг, кадети од 10 до 11 години. Член на ТК „СОНКАЛ“ – Мислешево, Струга.

„Огромно задоволство ми е кога гледам како нашите млади натпреварувачи растат во вистински борци и уште од најрана возраст го даваат својот максимум за да освојат медал на квалитетни меѓународни натпревари. Пред сè, тие покажуваат храброст, пожртвуваност и спортски дух, достојно претставувајќи ги боите на Македонија. Особено ме радува фактот што имаме млади генерации кои ветуваат светла иднина за нашиот спорт и се пример за своите врсници како достоинствено се претставува државата. За нив, и самото учество на ваков меѓународен натпревар претставува голем успех, искуство и можност за понатамошен напредок“, изјави Марјанчо Лазаревски, претседател на М.Т.Т.Ф.

Тој упати голема благодарност до генералниот спонзор ПН МЕТАЛ, Општина Охрид и Министерството за спорт за поддршката што ја даваат на Федерацијата и развојот на овој спорт, нагласувајќи дека нивната помош претставува значаен поттик за постигнување нови успеси.

По успешниот настап во Плевен, македонските таеквондисти продолжуваат со подготовките за следниот голем предизвик, меѓународниот натпревар „Србија Опен 2026“, кој ќе се одржи на 24 октомври 2026 година.