Skip to main content

Натпревар македонија бугарија

МНР ги осуди, а ФФМ ги пофали навивачите

„Беше навистина импресивно да се види како и на дожд, повеќе од 20 илјади луѓе, безусловно ја сакаат и бодрат Македонија“, велат од ФФМ.
 |  инфодеск  | 
Македонски навивачи

Фудбалската федерација на Македонија преку социјалните мрежи им се заблагодари на навивачите кои присуствуваа на трибините на натпреварот Македонија-Бугарија.

Од срце упатуваме голема благодарност до сите вас кои дојдовте од сите краеви на Македонија да им дадете поддршка на македонските репрезентативци на Националната арена „Тодор Проески“ на натпреварот против Бугарија. Беше навистина импресивно да се види како и на дожд, повеќе од 20 илјади луѓе, безусловно ја сакаат и бодрат Македонија. Од првата до последната минута – велат од ФФМ.

Истакнуваат жалење што репрезентацијата и покрај големиот напор не успеа на крајот да оствари позитивен резултат, но велат длабоко се убедени дека ќе бидат на највисоко ниво на следните натпревари и одново ќе има причина за славје пред полни трибини на Националната арена.

Од МНР пак, јавна осуда. Оттаму велат дека спортските настани претставуваат највисок израз на принципите на фер однос и меѓусебна почит.

Злоупотребата на овие настани за ширење на омраза и нетрпеливост претставуваат суштинска спротивност на нивната основна замисла. Северна Македонија и Бугарија и во иднина ќе продолжат активно да работат на унапредување на меѓусебните односи, како земји сојузнички во НАТО, идни партнери во Европската Унија и пред сè, добри соседи – наведоа од МНР.