Нашите кошаркари беа поразени, но не и надиграни
Македонските репрезентативци “изгинаа” на теренот и покрај минималниот пораз, тие се вистински херои во очите на секој Македонец.
Македонските репрезентативци одиграа фантастично. Како што ветија и повеќе од тоа, максимално пожртвувано, со срце и тимски. Покажаа зрелост за големи дострели.
Иако сериозно ослабени на високите позиции, македонските кошаркари успеаја да ги ограничат силните центри на Русија на симболични игри. Кириленко постигна само два поени, Хријапа четири, а Мозгов осум.
Капитенот Перо Антиќ блескаше на двата краја од теренот. Го заврши мечот со 15 поени, 10 скокови, 5 асистенции и две украдени топки. Даваше голема цврстина во одбраната, а во нападот реализираше високи 60% од шутевите. Лестер Мекејлеб постигна уште 16 поени, додека Самарџиски заврши со 9.
Брилијантната тактика на Докузовски и перформансот на секој играч посебно, а функционирајќи како перфектен тим на теренот, измамија аплаузи од полните трибини на последниот меч во Вилнус. По завршувањето на мечот, како и по секоја победа, од соблекувалната на Македонија ечеше познатата „Излези момче…“
И селекторот на Русија не ги штедеше пофалните зборови за нашата репрезентација.
„Сакам да му честитам на тренерот (Марин Докузовски), не само за денешниот перформанс, туку за настапот на целиот турнир. Нема да го наречам ова изненадување на турнирот затоа што Македонија има одличен тренер, добри и паметни играчи кои заедно делуваат многу моќно и играат фантастичен турнир. Сакам да им ја дадам на сите заедно целата заслуга на светот, затоа што тие ја заслужуваат. Неколку тимови на ова првенство се откажуваа од борбата, затоа што Македонија буквално ги убиваше со упорноста. Играат паметно, со вистински играчи на вистинска задача во вистински момент и навистина е тешко да се победат. Голема заслуга би сакал да дадам и до нивниот капитен (Перо Антиќ) кој е голем лидер и одличен организатор“, изјави Дејвид Блат.
И руските медиуми се придружија на пофалбите, а во еден нивен извештај пишува:
„Нашата репрезентација се судри со Македонците, кои се повредени, исцрпени и едвај победи! Дури и да ги загубат сите наредни натпревари со 50 разлика, тие се херои!“
{loadposition content9}