Меѓународниот олимписки одбор (МОО) одлучи да не ги дисквалификува сите руски спортисти од претстоечките Олимписки игри во Рио де Жанеиро, а засега се знае само за руските атлетичари дека со сигурност нема да настапат на ОИ.
МОО одлучи дека Русите можат да настапуваат, но тоа не значи дека и ќе се случи. Имено, конечната одлука за нивниот настап ќе ја носат поединечно светските организации во сите спортови поединечно во кои Русите се натпреваруваат, како што го направи светската организација во атлетика (IAAF) која ги исфрли руските атлетичари од игрите.
Меѓутоа, МОО донесе одлука сите спортисти кои имаат намера да настапат мора да поминат некои строги критериуми пред доаѓањето во Бразил. Ниту еден спортист кој претходно бил поврзан со било каков вид на допинг нема да има право на настап. Понатаму, право на настап ќе имаат само оние спортисти кои во својата кариера поминувале допиншки контроли вон Русија.
Извршниот одбор на МОО на телефонската седница одлучуваше за судбината на руските спортисти откако истрагата покажала дека руските државни органи спроведувале програма за допингување на спортисти. Професорот Ричард Мекларен во својот извештај навел дека руското министерство за спорт организирало, активно учествувало и ги помагало спортистите при допингувањето. Канадскиот адвокат, кој ја водел независната истрага, напишал дека покрај министерството за спорт и нивната анти-допинг организација биле вклучени и федералните безбедносни служби во целиот процес на измама за време на ОИ 2014 во Сочи, но и за време на светското атлетско првенство во Москва една година претходно.
Меѓународната атлетска федерација (IAAF) веќе порано ги суспендира руските атлетичари од своите натпреварувања вклучувајќи ги и Олимписките игри во Рио.
Русија се жалеше до Спортскиот арбитражен суд, но таа жалба е одбиена. Вкупно 68 атлетичари од Русија поднесоа поединечни жалби, а прифатена е само една, онаа на скокачката во далечина Дарија Клишина која во последните три години тренирала во САД.