Нов државен рекорд во стрелање низ нишанот на Михаил Шишкоски
И тој, но и останатите членови на стрелачкиот клуб „Охрид“ се покажаа во одлично светло на куп-натпреварот во Битола.
Михаил Шишкоски е трикратниот државен првак и репрезентативец од стрелачкиот клуб „Охрид“ кој деновиве постигна одличен успех. Со 594,5 погодени круга, Шишкоски успеа да го собори државниот рекорд во стрелање со воздушна пушка, и не само да го собори туку и да го подобри за цели 6,2 поени.
Тој вели дека е навистина среќен што успеал да го постигне ова големо достигнување особено што тоа е остварено во сериозна конкуренција.
„На овој натпревар учествуваа сите клубови што се натпреваруваат во меѓународна програма од Република Македонија. Конкуренцијата беше голема, но исто и мојата мотивација да поставам нов рекорд во Македонија и нормално искуството си го направи своето.“-вели Михаил Шишкоски од стрелачкиот клуб „Охрид“.
Михаил вели дека не се подготвувал премногу за овој натпревар пред се поради недостаток на време, но смета дека редовните тренинзи се од исклучително значење за еден стрелец. И покрај одличниот резултат, Шишкоски вели дека овие натпревари сеуште не можат да се споредат според тежината со оние на меѓународно ниво.
„На меѓународно ниво конкуренцијата е доста поголема и резултатите што се пукаат во Македонија се доста послаби од тие што се пукаат на светско ниво. Нормално условите се доста поразлични надвор отколу овде,немаме доволно услови, немаме опрема соодветна, ни требаат нови пушки, нова опрема, но толкави се можностите во клубов и нормално во Македонија и затоа не можеме да се споредуваме со резултатите кои се постигнуваат на меѓународно ниво.“-рече Шишкоски.
Инаку освен Михаил, со одлични резултати се вратија и останатите стрелци од СК „Охрид“. На шестата позиција во севкупен пласман мажи се пласира Мартин Гоџоски, односно прво место во категорија на јуниори со резултат од 548,8 кругови.
Кирил Миленкоски ја делеше 8-мата позиција во категорија на сениори, односно третата позиција во јуниорска категорија со резултат од 536 кругови. Кај сениорки пушка Нина Балабан го освои третото место, односно второ место во категорија на јуниорки со 388,6 круга. Верица Гоџоска заврши петтопласирана во севкупен пласман, додека 3-та во јуниорска категорија, со резултат од 378,3. Ангела Алексовска се пласира на 6-тата позиција, односно 4-та во јуниорска категорија со резултат од 373,3 кругови.
{loadposition content9}