![Таеквондо](https://tvm.mk/wp-admin/admin-ajax.php?action=kernel&p=image&src=%7B%22file%22%3A%22wp-content%2Fuploads%2F2023%2F03%2Ftaekvondo.jpg%22%2C%22thumbnail%22%3A%221200%2C%2C%22%7D&hash=ee9ab39b)
Во Охрид се одржа првото државно првенство Таеквондо ИТФ во организација на охридскиот таеквондо клуб „МАСТЕР“, а под покровителство на Општина Охрид.
Во натпреварувачкиот дел од настанот учествуваа 63 натпреварувачи од 5 клубови од Македонија: „Мастер“ од Охрид, „Хва Ранг ИТФ“ од с. Лескоец, ИТФ клубот „Чонџи“ од Косел, ИТФ клубот „Сонкал“ од Мислешево – Струга и „Ахилиус“ од Скопје.
![Таеквондо](https://tvm.mk/wp-content/uploads/2023/03/taekvondo2-1024x576.jpg?x28309)
При официјалното отворање на првенството пред присутните се обрати заменик градонaчалникот, Перчо Божиновски.
Спортските успеси не се само гордост на спортистите, тие се гордост на верната публика и на сите нас. Токму затоа ми е особено драго што денеска за прв пат, со финансиска поддршка на Локалната самоуправа се организира еден ваков голем спортски настан. Денес со овој настан испраќаме порака за афирмација на спортот и создавање на уште подобри услови за негов развој. Со својот незапирлив спортски дух, нашите спортисти победуваат, освојуваат награди, а ние сме тука да ги бодриме и да ги мотивираме за уште поголеми успеси. Живееме во време со многу предизвици. Живееме во хиперповрзан Свет на глобална и динамична економија, изложена на постојани промени и неизвесности. Сето ова стресно влијае на сите нас, и токму затоа сметам дека вакви спортски случувања ни се повеќе од неопходни. „Актерите“ во спортот ја јакнат физичката и психичката кондиција, а во исто време се рекреираат и забавуваат. Општина Охрид дава поддршка и има значаен удел во голем број спортски приказни, така ќе биде и во иднина – истакна Перчо Божиновски.
На настанот присуствуваа и претставници од Агенцијата за млади и спорт.
![Таеквондо](https://tvm.mk/wp-content/uploads/2023/03/taekvondo3-1024x576.jpg?x28309)