Skip to main content

Охридските стрелци повторно на пиедесталот на меѓународниот турнир GRAND PRIX SKOPJE 2024.

На 18-тиот традиционален меѓународен натпревар во гаѓање со огнено оружје –голем калибар, како и малокалибарна пушка со оптички нишан, учество зедоа повеќе од 100-тина стрелци.
 |  инфодеск  | 

Викендов на стрелиштето  Камник во Скопје, во организација на Mакедонската спортска стрелачка Федерација, се одржа 18-тиот традиционален меѓународен натпревар во гаѓање со огнено оружје –голем калибар, како и малокалибарна пушка со оптички нишан, на кој учество зедоа повеќе од 100-тина стрелци од државата и надвор од неа.

Стрелците на ЖСК ,,Лихнидос” се натпреваруваа во три дисциплини и тоа пиштол и револвер на 25м. како и малокалибарна пушка со оптички нишан на 100 метри.

Во поединечен пласман во дисциплината  гаѓање со пиштол на 25 метри-мажи Велибор Балоски се пласира на третата позиција  со резултат од 91 круг. Кај жените овајпат и појде од рака на младата Милица Кочовска (јуниорка) која истотака се пласира на третата позиција со резултат од 84 кругови. Успехот е дотолку поголем бидејќи овие позиции до сега во принцип беа ,,резервирани” за припадниците на посебните единици САЕ-ТИГАР, ЕБР, АРМ, што покажува дека нашите стрелци можат рамо до рамо да се борат за место на пиедесталот и со врвните единици во нашата земја.

И во екипен пласман во дисциплината револвер на 25 м. второ место за екипата на ЖСК ,,Лихнидос” во мешан состав: Велибор Балоски, Валентина Гоџоска и Лазар Кочовски со резултат од 240 кругови.

На третата позиција во екипен пласман-жени во дисциплината пиштол 25 м. повторно се пласира екипата на ЖСК ,,Лихнидос” во состав Валентина Гоџоска, Душанка Минева и Милица Кочовска со резултат од 197 кругови.