Охридските гладијатори подеднакво ќе атакуваат на два фронта
Охридските ракометни гладијатори со фаворитска улога за претстојните два натпревари против Тинекс Пролет и екипата на Прилеп. После овие два куп натпревари, веќе во среда уште еден сериозен тест за нашите ракометари против екипата на Зомимак од Струмица од Суперлигашкиот плеј оф.
Два натпревари од ракометниот куп на Македонија едноподруго во кои нашите гладијатори ќе ја носат фаворитската улога. Екипите на Тинекс Пролет и Прилеп ќе бидат добра градација за она што следува во среда, кога ракометарите од Охрид 2013 ќе играат против Зомимак од Струмица во продолжението од плеј оф натпреварите од ракометната машка Супер лига.
“На овие два натпревари ја имаме фаворитската улога, се надевам дека ќе ја оправдаме, па со добар ждреб се надевам во фајнл форот од купот на Македонија би можеле да стигнеме и до финалето. Накратко за овие два противници. Пролет е доста незгодна екипа составена од претежно млади македонски играчи, но покажавме оваа сезона дека можеме да се носиме со нив, и победивме на два пати. Со победа во сабота се надевам дека во недела ќе играме со Прилеп, кој исто така би требало лесно да го добиеме бидејќи како што кажав фаворитската улога е наша.”-вели Крсте Андоноски-РК Охрид 2013.
Пикерот на РК Охрид 2013, Елдин Вражалица порача дека во овој згуснат распоред и тоа како е потребна поддршката од публиката, но не онаква поддршка како во последниот натпревар кога имаше влегување на терен и фрлање на тврди предмети од публиката, од што според него, губат само играчите кои наместо витамини за да се опорават побрзо ќе мора да ја платат казната на РФМ.
“Низ цела година се боревме за ова што го постигнуваме сега. И за овој куп и за се, мислам дека ова е круна на нашата сезона, можеби најголем успех на нас самите, овде во Охрид, а за поедини играчи можеби и најголем во нивната кариера, да играат фајнл фор можеби во некои од најдобрите екипи во светот. Ќе видиме сега против тие екипи на Прилеп и Тинекс, иако повеќе Тинекс. Сите имаме некоја екипа против која одвај чекаме да играме, искрено за нас тоа е Тинекс. Многу ни должат иако тие ништо не ни направија, многу ни се должни и одвај го чекаме натпреварот против нив.”-рече Вражалица.
Во овие историски моменти на охридскиот ракомет, со активна игра на два фронта, и во плеј оф натпреварите од Супер лигата, и во куп натпреварите и битката за фајнл форот, тренерот на екипата, Горан Андоноски смета дека играчите се доволно подготвени за да се борат на сите натпревари.
“Атакуваме и на купот и на првенството. Мислам дека и играчите тоа го мислат, во ниеден момент не сме помислиле да калкулираме. Одиме натпревар по натпревар, прво сабота со Пролет Тинекс, здравје, да не послужи и малку среќа и поддршка од публиката, и недела со Прилеп, па веќе во среда ќе правиме нов прес заедно со вас ќе го славиме прво влегувањето во фајнл форот , а и се надеваме на победа со Струмица веќе во среда. Мислам дека трениравме цела година, дечките и зимата многу напорно тренираа што се одразува и во моментов, еве еден пример, на натпреварите против екипи како Вардар и Металург, нас никон не не контрира. Една до две контри од екипи со крила како Дибиров, Шишкарев и останатите, Манасков, нас никој не ни контрира.”-изјави тренерот Андоноски.
Натпреварот против Тинекс Пролет, охридските гладијатори го играат во сабота со почеток од 20 часот и 15 минути, додека два часа претходно во 18 часот публиката ќе може да го проследи натпреварот помеѓу екипите на Вардар 2 и Прилеп. Финалето од купот е закажано за недела во 19 часот. И тренерот и играчите повикаа на што помасовна посетеност и достоинствено навивање кои и тоа како им се потребни и важни во згуснатиот распоред од натпревари кој им претстои.