Skip to main content

На островото се враќа вистинска атмосфера на трибините

Навивачите во време на модерен фудбал добија една битка

 |  инфодеск  | 

По цели пет години молења и преговарања со локалните власти, Селтик на радост на најжестоките навивачи успеа да добие дозвола за враќање на стоечка трибина на Селтик Парк. Тоа нема да се случи од наредната туку од следната сезона кога на стадионот со капацитет од 60.000 седечки места ќе биде прилагодена трибина со таканаречено сигурно стоење.
Така шкотскиот клуб од Глазгов, на ирски доселеници, ќе ја отствари големата желба на своите навивачи. Познато е на островото дека многу љубители се разочарани од модерниот фудбал чиј еден од симболите се стадионите со сите седечки места.
Единствени кои успеаа да противречат на фудбалските челници беа Германците и Австријците, особено во Бундес лигата. Додека сите официјални објаснувања за тоа дека мора да бидат сите седечки места на стадионите поради безбедност, навивачите тврдеа дека вистинската причина била поскапување на влезниците. Познато е дека Борусија Дортмунд со сите сили се спротивстави на таквите барања на челниците на лигата. Токму тој клуб ја има најголемата стоечка трибина во Германија, легендарниот жолт ѕид, еден од симболите на црно-жолтите.
Исто така добро е познато помеѓу разочараните англиски навивачи дека стана популарно да се оди на натпревари во Германија токму заради навивачката атмосфера каква во Англија ја нема повеќе. Интересно е дека во една анкета дури 96% од анкетираните во Премиер лигата биле за воведување на таканареченото безбедно стоење, трибина на која постојат седишта, но можат да се склопат така што може комотно да се стои.
Токму такви 2.600 места воведува Селтик во сезоната 2016/17 по примерот на Бундес лигата во Германија и Австрија.