Осум медали за охридскиот „Хваранг Фист“ на третото коло од Македонската теквондо лига

Два златни, еден сребрен и пет бронзени медали освоија натпреварувачите на охридскиот теквондо клуб „Хваранг Фист“ на третото коло од Македонската теквондо лига во олимписко теквондо, кое викендов се одржа во Скопје.
Клубот настапи со 11 натпреварувачи: Ненад Целески, Јана Спироска, Ристе Гелески, Максим Ристески, Димитар Грујоски, Љубица Митреска, Радмила Огненоска, Ева Милошеска, Анастасија Спироска, Миа Тасевска и Доротеа Најдеска.
Од „Хваранг Фист“ велат дека турнирот поминал во одлична организација на Македонската теквондо федерација и Теквондо клубот „Корио“, со повеќе од 200 борби во сите тежински категории.
Ненад Целески и Јана Спироска повторно се истакнале со одлични настапи во своите јуниорски категории. Целески со три победи повторно се искачил на највисокото место на пиедесталот во својата категорија, а воедно бил прогласен и за најдобар јуниор на првенството.
Со освоените осум медали, охридските теквондисти освоија и нови бодови во борбата за конечниот пласман во Македонската теквондо лига.



