Skip to main content

Реакции по дебаклот во Англија

Пандев со остра критика по историскиот пораз од Англија

Поранешниот капитен на фудбалската репрезентација, Горан Пандев упати остра критика на адреса на раководството на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и националниот тим.
 |  инфодеск  | 
Пандев

Синоќешниот пораз на македонската фудбалска репрезентација на гостувањето во Англија (0-7) предизвика реакции и остри критики од јавноста и спортската фела. На адреса на раководството на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и националниот тим критика упати и поранешниот капитен на фудбалската репрезентација, Горан Пандев.

Коментирајќи на фотографија на Инстаграм стори на која се претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, спортскиот директор Данчо Масев и селекторот Благоја Милевски, Пандев напиша: „Најголемото зло што некогаш постоело во македонскиот фудбал. Нека ни е на чест на сите“.

Благоја Милевски, селекторот под чие водство фудбалската репрезентација на Македонија го претрпе најтешкиот пораз во својата историја, на прес конференцијата по натпреварот ѝ се извини на нацијата, но најави дека нема намера да поднесе оставка.

„За жал, се случуваат и вакви работи во фудбалот. Ова се истите фудбалери кои играа со Италија и со Португалија. И јас сум истиот тренер, но во фудбалот има и вакви денови. Потфрливме во секој поглед. Тргнувајќи од мене, па потоа во сите линии на теренот. Јас сум одговорен на прво место, јас ги бирам играчите и одредувам кој ќе игра. Игравме против најразиграниот тим во Европа, но потфрливме во сите наши замисли. Ова не значи дека треба да се откажеме. Јас сум борец и не планирам да се откажам, треба да сме силни и сплотени и во вакви тешки моменти.“ -рече Милевски.