Петар Цеков од ПК „Вардар 2018“ од Скопје во машка и Сара Јанковиќ од ПК „Скопје“ во женска беа најбрзи на 46. издание на Илинденскиот пливачки маратон, што во организација на пливачкиот клуб „Охридски бранови 2008″ од Oхрид, се одржа на празникот Илинден.
Во категорија на пливачи 16+, Цеков патеката долга 2,5 километри од Горица до Охрид ја мина со време 28.04.16 минути пред Евгениј Поп Ацев од ПК Вардар 2018 (29.30.02м.) и Теодор Тасевски исто така од ПК Вардар 2018 (35.10.12м.).
Сара Јанковиќ беше најбрза во женска конкуренција со време од 30.44.12 минути пред Росана Гошева од ПК Скопје (33.24.15м.) и Сара Атанасовска од ПК Нептун Скопје ((34.26.12м).
Кај пливачите на возраст од 8 до 15 години, во машка конкуренција најдобар беше Александар Поповски од ПК „Скопје“ (30.10.33 минути). Зад него беа Дамјан Сековски и Виктор Вранишковски. Матеа Јанкоска беше набрза во женска конкуренција (36.30.53 минути). Втора беше Јана Хаџиспасова, трета, најдобро пласираната охриѓанка, Анастасија Цветановска од клубот „Акваспирит“.
На малиот пливачки маратон годинава учествуваа 67 пливачи од земјава и странство.
Патеката беше обезбедена со медицински и спасувачки екипи на Црвен Крст Охрид, а за регуларноста на трката се погрижија два судиски тимови.