Македонија денеска се збогува со македонската фудбалска легенда, Кирил Дојчиновски. Се збогува и Балканот и сите оние фудбалски колективи кои беа тесно поврзани до легендата на македонскиот фудбал.
Емотивна порака, потсетувајќи се и на своето последно интервју со Дочиновски, испрати и белградска Црвена Звезда каде македонската легенда настапуваше од 1967 до 1974 година, достигнувајќи ја својата најголема фудбалска слава.
ФК Црвена Звезда со голема жал ја информира јавноста дека уште едно големо фудбалско име не напушти засекогаш, Кирил Дојчиновски кој не напушти во 79-та година од животот – се вели во пораката од Црвена Звезда испратена со биографското видео за Кирил Дојчиновски.
Последно збогум за македонската легенда испратија и од Фудбалската федерација на Македонија, како и од ФК Брегалница каде Дојчиновски беше тренер во три наврати, а последен пат во сезоната 2005/06 кога штипјани се изборија за прволигашки статус.
Легендите никогаш не умираат. Од името на целокупниот колектив на ФК Брегалница, и сите верни навивачи на штипските „сини“, искрено сочувство до семејството на Кирил Дојчиновски кој засекогаш ќе остане дел од фудбалски Штип – се вели во пораката од ФК Брегалница.
А, од Кирил Дојчиновски се збогуваат и голем број македонски фудбалски работници…
Еден од најголемите македонски фудбалери и тренери. Пред се, прекрасна личност и голем Човек. Сочуство до најблиските – е пораката од поранешниот македонски селектор и тренер на Вардар, Зоран Стратев.
Човечиште во секој поглед. Големо сочувство – напиша поранешниот генерален секретар на МОК, Зоран Гапиќ.
Ја имав таа чест да ми биде тренер. Големо сочувство – вели во својата порака Јорде Георгиевски, поранешниот репрезентативен голман, и чувар на мрежата на Вардар во сезоната 2007/08 кога Дојчиновски беше на клупата на црвено-црните.
Дојчиновски започна со Вардар, за кого запиша 218 натпревари од 1962 до 1967 година. Потоа се сели во белградска Црвена Звезда каде играше од 1967 до 1974 година од каде заминува во француските Тројс и Париз.
Дојчиновски беше постојан репрезентативец на Југославија 1970 до 1974 година, со Црвена Звезда четири пати стана шампион на Југославија, полуфиналист во Купот на европските шампиони.
По завршувањето на кариерата како играч, продолжува како тренер, работи во Ел Салвадор со Луис Фирпо, и селектор на репрезентацијата на Ел Салвадор, а потоа е тренер и во Македонија во екипите на Вардар, Пелистер, Македонија ЃП, Брегалница Делчево и Брегалница Штип, Ираклис.
Кирил Дојчиновски, е добитник на бројни признанија меѓу кои и Наградата за животно дело од Македонскиот олимписки комитет, како и признанието од белградска Црвена Звезда, за една од најголемите легенди во историјата на клубот.