Skip to main content

Тажна вест

Почина ракометарот Денис Тот

Почина Денис Тот, хрватскиот ракометар кој последните години ги мина во македонскиот шампионат, а актуелнава ракометна сезона го носеше дресот на РК Бутел.
 |  инфодеск  | 
Денис Тот

27 годишниот Тот починал денеска претпладне на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување КАРИЛ.

Тој бил примен во Ургентниот центар во Скопје ноќеска, без срцева акција и без траги на насилство. Според, Маја Мојсова директорка на КАРИЛ, кај пациентот не биле пронајдени активни супстанци при крвни анализи и неговото тело е предадено на судска медицина за понатамошна обдукција.

Претходно се појавија информации дека хрватскиот интернационалец бил претепан во ноќен клуб во Скопје, но МВР соопшти дека на КАРИЛ, Тот бил донесен во бесознание, без видливи траги на насилство.

СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот и за тоа соодветно ќе ја известиме јавноста – се наведува во соопштението од МВР.

Македонските суперлигаши се простуваат од младиот ракометар. ГРК Охрид изрази сочуство до фамилијата и ракометниот клуб Бутел.

Тот, кој играше на позицијата десен бек, две години го носеше дресот на ГРК Охрид, а премина во скопски Бутел пред почетокот на оваа сезона. Во кариерата го носеше и дресот на хрватските клубови Ѓаково, Пореч и Бјеловар, шпански Адемар Леон и Брик Австрија.

Ракометните натпревари во земјава тргнаа со минута молк за Денис Тот.