Три кола пред крајот на натпреварувањето во англиската втора лига играчите на Брајтон изборија пласман во Премиер лигата и следната сезона ќе игараат во најелитното друштво на англискиот фудбал по 34 години.
Во понеделникот во 43 коло Брајтон го победи Виган со 2-1 и се наоѓа на првото место со 92 бода. Втор е Њукасл со 85, а трет е Ридинг кој има 79 бодови. Имајќи во предвид дека двете најдобри екипи одат во Премиер, Брајтон тоа го осигура бидејќи има недостижни 13 бода повеќе од Ридинг.
Брајтон во својата историја, односно од 1901 година, само четири сезони играл во Премиер лигата од 1979 до 1983 година кога стигнал до финалето на ФА купот во кое изгубил од Манчестер Јунајтед, а воедно истата сезона и испаднал во втората лига. По 34 години тие повторно ќе играат прволигашки фудбал.
Галебите својот лет кон елитата го започнаа кога покерашот, обложувач и трговец со недвижнини, Тони Блум, одлучил да го купи клубот за кој навивал од мал, клуб во кој неговиот вујко Реј е директор, а дедото Хари во 70-те бил потпретседател на клубот.
Првата инвестиција на Блум била 93 милиони фунти во прекрасен стадион и еден од најубавите во Англија. По неколку промени на тренери, се чини дека Блум ја нашол добитната формула во Ирецот Крис Хатон со кој Галебите се моментално први на табелата, а воедно обезбедија пласман во Премиер лигата.