Последен натпревар пред Европското екипно атлетско првенство во Исланд
Во потера по соборување на рекорди, атлетичарите од голем број атлетски клубови од земјава, денес конечно излегоа на стадионот „Билјанини извори“. Вчерашното невреме ги помести датумите за одржување на Атлетскиот куп на Македонија. По принципот „прави се што можеш“ најголемиот број од атлетичарите се натпреваруваа во повеќе дисциплини. Многу од тие дисциплини немаат ниту една заедничка допирна точка. Но верувале или не, младите талентирани атлетичари успеваат да постигнат добри резултати. Таков е случајот и со Александра Спасеска-претставник од Атлетскиот клуб „Охрид“.
„Ова е сениорски куп каде што собираме бодови за клубот. Се натпреваруваме во повеќе дисциплини, но мојата моментално најдобра дисциплина е скок во далечина каде што денеска постигнав и личен рекорд. Овие две недели ќе бидат малку потешки, со тренинзи и со малку жртвување за да на Европскиот куп постигнеме се најдобро и нормално да го поправам овој мој денешен личен резултат.“-рече Александра Спасеска-скок во далечина АК „Охрид“-Охрид
Иако нејзини лични дисциплини се трките на 100 метри и скокот во далечина, Александра се натпреварува и на 200 метри и во троскок. Таа на Европското екипно атлетско првенство во Исланд заминува со неколку предизвици.
„Очекувам таму да скокнам 6 метра во далечина и да го соборам рекордот во троскок, 12 метри и 26 сантиметри, рекорд што е стар веќе неколку години. Мотивација ми е пред се рекордот во троскок, значи тоа е доста стар рекорд кој што сеуште никој не му се ни приближил, а на минатиот натпревар бев многу блиску па тоа ми е сега најголемата мотивација.“-додава Спасеска
Право на учество на ова финале на сениорскиот атлетски куп на Македонија имаа сите атлетичари кои се најдоа помеѓу 6те најдобри во секоја дисциплина од одржаните квалификации. Тие се натпреваруваа во голем број дисциплини меѓу кои: трки на 100, 200, 400, 800 метри, но и на 5 и 10 километри, потоа фрлање ѓуле, фрлање копје, скокови во височина и далечина, троскок и многу други дисциплини. Овој куп воедно е и последниот натпревар на кој потенцијалните кандидати за репрезентацијата ги потврдија своите резултати за Европското екипно атлетско првенство кое ќе се одржи од 17ти до 19 Јуни во Рејкјавик-Исланд.
{loadposition content9}