Четворочлена делегација на Барселона на чело со Јозеф Бартомеу го посети седиштето на ФИФА и се состана со претседателот Џани Инфантино, а на дневен ред биле две точки: подобрување на односите помеѓу еден од најголемите клубови и светската фудбалска организација, а втората почеток на ново клупско натпреварување.
Барса и ФИФА воопшто не комуницираа од казната која ФИФА им ја изрече на Каталонците поради неправилности при доведување на малолетни фудбалери. Но, во меѓувреме тогашниот претседател Сеп Блатер замина во историјата па се создадоа повторно услови за соработка.
Втората главна тема на состанокот бил новиот формат на Светското клупско првенство, кој го поддржува Барселона и уште неколку големи клубови. Се работи за идејата која се роди во рамките на здружението на европските клубови (ЕСА). Откако најголемите европски клубови постигнаа договор со УЕФА за реорганизација на Лигата на шампиони сега истото се обидуваат да го направат и со ФИФА со Светското клупско првенство.
Причините се секогаш исти, а тоа се зголемување на гледаноста, интересот и најважното, заработката. Идејата Светското клупско првенство да се претвори во турнирско натпреварување, слично на светските и европски првенства, на кое би учествувале 16 или 24 клубови. Европа и Јужна Америка би имале по 8 места, а за останатите тоа што ќе остане.
Предлогот е турнирот да се одржува секоја втора непарна година во терминот на денешниот куп на конфедерации. Првото издание на турнирот би требало да се случи 2019 година, бидејќи Купот на конфедерации е веќе закажан и не може да се откаже. Турнирот би се одржувал во летен термин, значи на крајот од европската сезона, а не како досега во декември.
Главен проблем е да се усогласи терминот со Копа Америка која од 2019 година повторно ќе се одржува во четиригодишни циклуси.
Како и да е, се чини дека се оди на тоа дека наскоро ќе имаме уште едно клупско натпреварување под ингеренции на ФИФА, а кое би можело да биде опасна конкуренција на Лигата на шампиони во смисол на престиж и заработка.