Кими Раиконен следната сезона нема да вози за Ферари, неговото место ќе го завземе Валтери Ботас.
Веста, која во исчекување на Големата награда на Унгарија (26 јули), прв ја објави Corriere dello Sport, а дека работата е завршена пишуваат и BBC и бројни спортски портали кои го следат мото спортот.
Официјалната објава би требало да се случи на почетокот на август бидејќи Ферари со Раиконен во договорот за 2016 година има таква опција која стапува на сила по 31 јули. По тој датум, од Маранело, ќе му соопштат на Кими дека за идната сезона за него нема да има место во легендарниот црвен болид.
Раиконен заработува годишно 22 милиони евра, а во Ферари не се ни приближно задоволни со неговиот учинок. Свесни се дека немаат болид кој е компетитивен на Мерцедес, но исто така е факт дека настапите на Кими беа далеку од очекувањата.
Во Ферари веќе се договориле со Вилијамс на кој ќе му исплатат оштета од 12 милиони евра за Ботас, 26 годишниот сонародник на Кими кој дебитираше во Формула 1 во 2013 година.
По воведната сезона на привикнување во која освои 4 бода, во 2014 беше одличен – дури 6 пати се качуваше на подиумот, а на крајот заврши на четвртото место во поредокот на возачи со 186 бодови.
По девет трки оваа сезона, Ботас е повторно четврти во поредокот, со еден бод повеќе од Раиконен и со три повеќе во однос на неговиот колега од Вилијамс, Фелипе Маса, а најдобриот резултат го отствари во Канада каде го освои третото место.