Skip to main content

Ракометарите на Струга го пречекуваат Јуниор КВ за крај на успешната сезона

Стружани во разигрувањето за опстанок на 13 одиграни натпревари забележаа осум победи и пет порази.
 |  инфодеск  | 
РК Струга

Викендот на програмата се натпреварите од последното коло од ракометната Супер лига на Македонија, со што ќе останат само бараж натпревари за комплетирање на сезоната.

Струга зад себе има успешна сезона, откако во плеј-аутот сезоната ќе ја заврши на второто место на табелата и со тоа останува и следната сезона во ракометната „елита” на Македонија.

Стружани во разигрувањето за опстанок на 13 одиграни натпревари забележаа осум победи и пет порази, а во последното коло на домашен терен ќе играат против екипата на Јуниор КВ. За Струга овој натпревар нема резултатско значење, но за гостите од Кисела Вода, овој натпревар значи се или ништо, односно натпревар за опстанок или испаѓање во Првата ракометна лига.

Јуниор КВ е на шестото место со 18 бодови, место кое води во баражот за опстанок, па така за гостите само триумф е опција за сигурен бараж за опстанок, реми или пораз, ќе значи дека ќе треба да го сочекаат исходот од дуелот на Вардар Неготино и Куманово, бидејќи неготинци со триумф над Куманово, а пораз на Јуниор КВ од Струга, може да завршат во бараж зоната за опстанок, а екипата од Кисела Вода да се пакува за Прва лига.

Натпреварот ќе се одигра во сабота со почеток од 14 часот.