Рон Денис доби награда за животно дело
На донеодамнешниот извршен шеф на Мекларен, Рон Денис, кој се повлече од Формула 1 во екот на аферата со лажењето на судиите на трката во Мелбурн, во четвртокот навечер му беше доделена награда за животно дело.
„Моето присуство во трките од Формула 1 почна во 1966 година и во текот на овие 43 години таа беше моја животна страст“, изјави тој. Примајќи ја наградата во Лондон од двајца свои некогашни возачи, Алан Прост и Мика Хакинен, Денис додаде: „Во тој период работев со некои од најголемите возачи во историјата на овој спорт, како и со голем број многу талентирани и крајно вредни и работливи поединци. Соработката со сите нив ја сметам за привилегија. Иако виртузоните изведби на тркачките великани несомнено привлекуваат најголемо внимание, Формула 1 во суштина се сведува на тимски труд. Победите колку се должат на суперѕвездите толку се резултат и на непознати херои. Затоа, кога зборуваме за Мекларен, наместо зборот тим го претпочитам терминот семејство. Заедно со многутемина талентирани и вредни поединци што го сочинуваа и се’ уште се дел од семејството Мекларен, бев вклучен во 138 гран-при победи, во десет возачки титули и во седум конструкторски“.
Прост, кој три од своите четири шампионски трофеи ги освои како возач на Мекларен, го опиша Денис како „централна и инспиративна фигура“ во неговата кариера.
„Оваа награда е само признание за човекот што му го посвети својот живот на мотоспортот и без кого падокот во Формула 1 ќе беше посиромашно место“, изјави Французинот.
Сер Френк Вилијамс, шеф на истоимената екипа, изјави: „Рон е човек со извонредни способности и е класа за себе во Формула 1. Сите овие децении покажа способност за победување со постојаност, но и со навистина врвна елеганција. Тој е ужасно добар во тоа што го работи и среќен сум што е награден на ваков начин“.
{loadposition content9}