Skip to main content

Се одржа меѓународниот таеквондо ИТФ натпревар „Охрид Опен 2023“

На турнирот учествуваа преку 200 натпреварувачи од 24 клубови од 6 европски земји, со што оваа  меѓународна манифестација се вбројува во низата на најатрактивни таеквондо настани во регионот.
 |  инфодеск  |  ,
таеквондо

Денеска во спортската сала „Билјанини извори“, се одржа меѓународен таеквондо ИТФ натпревар „Охрид Опен 2023“. Пред присутните натпреварувачи, на отворањето, се обрати градоначалникот Кирил Пецаков.

Како голем поддржувач на спортот, секогаш ми е посебно драго да бидам дел од вакви спортски случувања, кои оставаат траен белег во спортскиот живот на нашиот град и се позитивен пример за афирмација и промоција на различни спортски дисциплини. На сите натпреварувачи им честитам за нивната посветеност и ентузијазам да бидат истрајни во сите борбени подвизи. Оваа можност би сакал да ја искористам и да истакнам дека сум особено горд што Охрид веќе има неколку истакнати имиња кои на наша голема радост имаат остварено врвни резултати во оваа боречка дисциплина. Помеѓу нив е и европската златна титула на младата Христијана Парулеска која ја прославивме пред два месеци. Верувам дека во подем се и нови генерации на успешни таеквондисти, од кои во иднина очекуваме уште поголеми достигнувања. Се надевам, дека овој спортски настан ќе продолжи да се одржува и во иднина, со уште поголем број на учесници и дека значително ќе придонесе за промоција на потенцијалите за развој на спортскиот туризам во Охрид. Ви посакувам успешни натпревари и одлични резултати, како и многу нови пријателства. До сите гости упатувам покана да го искористат својот престој тука, за да уживаат во убавините на нашиот туристички бисер Охрид – истакна Пецаков.

На турнирот учествуваа преку 200 натпреварувачи од 24 клубови од 6 европски земји, со што оваа  меѓународна манифестација се вбројува во низата на најатрактивни таеквондо настани во регионот. Шест клубови ги бранат боите на Македонија, најбројни од Охрид. Покрај организаторот „ХВА РАНГ ИТФ“ од Лескоец, учествуваа и Клубот „Мастер“ од Охрид, „Ахилиус“ од Скопје, „Чонџи“ од Косел, „Сонкал“ од Мислешево и „Хваранг фист“ од Охрид. 

Натпреварот е во организација на клубот „ХВА РАНГ ИТФ“ од Лескоец, со поддршка на Општина Охрид, Агенцијата за млади и спорт и „ПН Метал“.