Лидерот Струга Трим Љум ја продолжува доминантната игра во домашниот шампионат, откако со високи 0:3 ја доби Брегалница во Штип и со тоа сигурно чекори кон историска титула во Првата македонска фудбалска лига.
Стружани брзо го отворија резултатот во Штип, откако веќе во 8. минута од мечот, Христијан Малески постигна убав гол за водство на гостинот од 0:1.
Струга продолжи да прави притисок на Градскиот стадион во Штип, каде штипската публика не беше задоволна од изданието на „сините”, па пред крајот на првиот дел најдобриот стрелец во историјата на Првата македонска фудбалска лига, Бесарт Ибраими, реализира од слободен удар, откако домашниот голманот Давид Денковски не успеа да интервенира навремено.
Во вториот дел Струга немаше големи проблеми, а по само две минути игра Марјан Радески постигна гол за високи 0:3. Во 57. минута Николов погоди за штипјани, но голот беше поништен од страна на судиите поради офсајд, па така, резултат од 0:3 од 47. минута стана конечен.
30-тото коло беше отворено во саботата со триумфот на Шкендија во Тетово од 3:1 над Македонија ЃП, вчера во Прилеп екипата на Победа беше декласирана од Скопје со 0:4 и испадна официјално во Втора лига, Силекс го загуби дербито во Кратово од Шкупи со 0:2, а пак Тиквеш одново загуби дома од Работнички со 1:3.
На три кола до крајот Струга е лидер на табелата со 59 бодови и има пет бодови повеќе од второпласираната Шкендија, а пак на третото место е Шкупи со 52 бодови.