Лидерот на табелата во Првата македонска фудбалска лига, екипата на Струга Трим Љум, в недела гостува во Штип, каде ја очекува тежок натпревар против Брегалница, во рамки на 30. коло.
Струга е на добар пат дa освои историска титула во фудбалската елита на Македонија, како најмлад прволигаш, но за тоа нема право на грешка во градот под Исарот, каде ќе игра со одличната Брегалница.
Штипските „сини” иако во претходните две кола забележаа порази од Шкендија и Шкупи, сепак играат одлично, а теренот во Штип е повеќе од „жежок”, со оглед на тоа што Брегалница секогаш има голема поддршка од верната „Фаланга”, како и од штипската публика. Брегалница има одличен тренер во името на штипскиот стратег Горан Здравков, кој откако ја презеде Брегалица за време на зимската пауза, бележи одлични пролетни резултати.
Струга со триумф речиси и ќе биде пред освојување на титулата во домашното првенство, а со оглед на тоа што е во големото историско финале од Купот на Македонија, каде ќе игра против бранителот на Куп-титулата, екипата на Македонија Ѓорче Петров, Струга може да ја освои и двојната титула, што ќе биде фудбалска сензација во градот кој лежи на двата брега на реката Црн Дрим.
Што се однесува до традицијата на овие две екипи и нивните шест меѓусебни дуели, Струга е поуспешна со три победи, Брегалница само еднаш била подобра, додека пак три средби завршиле без победник.
Првото соочување на на овие две екипи одиграно во Штип завршило со минималец за „сините” од 1:0, а пак на последното соочување во рамки на Купот на Македонија, Струга со 2:0 ја добила Брегалница.
Александар Грујоски од Кичево ќе биде задолжен за правдата, а негови помошници ќе бидат Куштрим Лика и Зоран Јанкуловски од Кичево, а пак Марјан Дејаноски, исто така од Кичево ќе биде четврт судија на Градскиот стадион во Штип.
На останатите средби, Шкендија ќе биде домаќин на Македонија Ѓорче Петров, во воведниот натпревар кој се игра денес, а кој ќе биде реприза од полуфиналето од Купот на Македонија, кога „лавовите” преку пенал-рулетото обезбедија финале, во Кратово се игра дерби дуел за третото место и сигурен излез во Европа помеѓу Силекс и Шкупи, во меч каде „гулабите” од Чаир немаат право на грешка, Тиквеш ќе се обиде конечно да ја израдува кавадаречката публика против Работнички, а пак Победа и Скопје играат дерби од дното во Прилеп.