Македонија Ѓорче Петров ја одбрани Куп-титулата, откако во пенал-рулетот ја совлада Струга Трим Лум по регуларните 1:1.
Стратегот на “лавовите” Горан Симов останува мајстор за Купот, откако како тренер по вторпат го освои Купот, претходно со Силекс и сега со Македонија ЃП, а има и Куп-титула и како играч, кога стоеше на голот токму на Македонија ЃП, па така Симов стигна до својата трета Куп-титула.
Струга Трим Лум беше пред можност за освојување на двојна историска титула, но остана без Куп-титула, само со шампионска титула во Првата македонска фудбалска лига.
Регуларниот дел од големото финале од Купот на Македонија заврши со резултатот од 1:1.
Македонија Ѓорче Петров која е бранител на Куп-титулата на полувреме имаше водство од 1:0 со голот на Филип Мишевски, кој погоди од белата точка, откако претходно, во 26. минута по еден шут на Попзлатанов, топката удири во раката на Кочовски, па судијата Стојчевски покажа на белата точка, а Мишевски успешно реализираше за 1:0 на полувреме.
Во вториот дел почна дождот, а тоа донесе среќа за новиот шампион во ПМФЛ, Струга Трим Лум, која преку Фатјон Јусуфи го изедначи резултатот на 1:1.
Победникот се решаваше во двете судиски продолженија од по 15 минути, но и по дополнителни триесет минути игра мрежите мируваа, па пенал лотаријата го даде победникот.
Во пенал-рулетот Струга не постигна гол, односно Таири промаши цел гол, а Ќосевски го прочита ударот на Мишевски. Радески во втората серија погоди пречка, а Личина погоди за “лавовите”.
Струга пак не реализира, откако Незири ја погоди пречката, а Ќосевски му одбрани на Алексовски.
Стефковски му фати пенал на Шабани, а потоа реализираа “лавовите” за голема радост и европско лето.
Македонија ЃП сега ќе игра во квалификациите за Конференциската лига, а Струга како шампион во Првата лига ќе игра квалификации за Лига на шампиони.