Стружанка доминира – трет пат шампион во кадетската лига
Ракометарките на Стружанка ја одбранија титулата во кадетската лига, откако во финалето на Ф-4 турнирот, кој се одигра во Делчево, славеа над Ѓорче Петров со резултат од 28:24.
Ѓорче Петров имаше водство до 48. минута од натпреварот, но во финишот од мечот струшките ракометарки беа подобри со повеќе концентрација во психилошки тежок натпревар, па со серија од 3:0 направија разлика и до крајот истата одржуваа и ја зголемија на конечни 28:24.
Дека Стружанка доминира во кадетската лига, говори фактот што титулата е трета во низа, па така, овој струшки ракометен клуб покажува дека многу сериозно вложува и одлично работи со помладите категории, а овие успеси и резултати заслужуваат голема почит.
Со тоа екипата на Ѓорче Петров заврши на второто место, третото место му припадна на Скопје, откако ракометарките на овој клуб со 40:31 го декласираа Делчево Вардар, кој пак заврши на четвртото место.