Директорот на СОСУ „Св. Кирил и Методиј“, Ристе Јанкоски, приреди свечен пречек за ученикот Владимир Димитриевиќ, по повод неговиот исклучителен спортски успех и освојувањето на бронзен медал на Светскиот ИТФ куп во Солун.
Инаку, медалот е освоен на престижниот меѓународен турнир „King of Taekwon-do“, на кој учествуваа над 1.400 натпреварувачи од 21 држава, што дополнително ја нагласува тежината и значењето на овој успех.
Во рамки на средбата, директорот Јанкоски упати искрени честитки до Владимир, истакнувајќи дека неговата посветеност, дисциплина и спортски дух претставуваат гордост за училиштето и инспирација за сите ученици. Пречекот беше можност и за истакнување на значењето на спортот како важен сегмент во воспитно-образовниот процес.
-Нашето училиште изразува искрена благодарност и поддршка за понатамошниот развој на Владимир и му посакува уште многу спортски и лични успеси во иднина, велат од СОСУ „Св. Кирил и Методиј“.