Осум медали за македонските таеквондисти на „Barletta Challenge 2026“

Македонското знаме гордо се вееше во Барлета, Италија, каде натпреварувачите на Македонската традиционална таеквон-до федерација приредија вистинска спортска сензација на престижниот меѓународен турнир „Barletta Challenge 2026“.
На турнирот учествуваа повеќе од 300 натпреварувачи од девет европски земји – Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Грција, Италија, Шпанија, Норвешка, Молдавија и Словачка. Македонската делегација настапи со пет натпреварувачи во дисциплините спаринг и форми, а резултатот беше импресивен – освоени се 5 златни, 2 сребрени и 1 бронзен медал.
Овој успех има и историско значење, бидејќи за првпат бројот на златни медали е поголем од бројот на сребрените и бронзените заедно, што претставува јасен показател за напредокот и квалитетот на македонското традиционално таеквон-до.
Клубот „Хва Ранг ИТФ“ од Лескоец уште еднаш потврди дека е еден од носителите на македонското таеквон-до, освојувајќи вкупно шест медали.
Анастасија Чулческа
- Злато – спаринг, младинки У-18 (-60 кг)
- Сребро – форми, плав појас, младинки У-18
Теодора Тодороска
- Злато – спаринг, јуниорки (-60 кг)
- Сребро – форми, зелен појас, јуниорки
Миа Танеска
- Злато – форми, црвен појас, кадетки
- Бронза – спаринг, кадетки (+50 кг)
Одличен настап имаа и натпреварувачите на ТК „Мастер“ од Охрид.
Даниел Стојаноски
- Злато – спаринг, кадети (-40 кг)
Анастасија Ристеска
- Злато – спаринг, јуниорки (+64 кг)
Македонските таеквондисти уште еднаш покажаа дисциплина, техничка подготвеност и победнички дух, испраќајќи силна порака дека македонското традиционално таеквон-до чекори кон нови европски успеси.
Од Федерацијата упатија благодарност до генералниот спонзор „ПН Метал“, Општина Охрид и Министерството за спорт за поддршката и придонесот во реализацијата на овој голем успех.







