Во организација на атлетскиот клуб „Спортски Мостови“ на 21 мај годинава во Струга ќе се одржи третото издание на атлетската манифестација „Трка на поезијата“.
Според Марјан Туртуров, кој е дел од организацискиот тим, и годинава ќе се организира градска атлетска трка на 10 километри од натпреварувачки карактер и рекреативна трка на пет километри.
Мотивирани од првото издание каде професионалните тркачи и рекреативците ни ја пружија цела доверба од самиот старт на организирање ваков масовен настан, втората година влеговме со многу поголема самодоверба, со олеснување на рестриктивните мерки од пандемијата и довербата несмеевме да ја губиме, туку само да ја надоградуваме кај нашите учесници – истакна Туртуров.
Тој потсети дека на второто издание од „Трка на поезијата“ учествувале 1.100 натпреварувачи во сите трки.
Со многу љубов и желба успеавме да угостиме вкупно 1.100 учесници на второто издание на сите трки. Голема благодарност до Општина Струга и сите институции, спонзори и помагатели кои безрезервно се вклучија во реализација на овој прекрасен атлетски настан во Струга кој полека израснува во еден од најзначајните настани во самата општина – рече Туртуров.
Манифестацијата, нагласи, почна во екот на пандемијата, во 2021 година, а првото издание се одржа на 23 мај, кога низ струшките улици трчаа 623 учесници.
Започнавме со пандемија и докажавме дека дисциплината и желбата за успех може да донесат одличен резултат за нас како организатори и за цела Струга. Успеавме да пречекаме и без никакви проблеми првата година да спроведеме настан достоен за Струга и за сите професионални и рекреативни атлетичари во Македонија, како и учесници од соседните земји од Србија, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Грција – додаде Туртуров.