Утре започнува 10. Меморијален турнир во мал фудбал „Ѓоко Чингоски и Васко Речкоски-Профа“

Утре започнуваат натпреварите од јубилејното 10-то издание на Меморијалниот турнир „Ѓоко Чингоски и Васко Речкоски – Профа“.
Турнирот традиционално се организира во чест на Васко Речкоски – Профа и Ѓоко Чингоски, поранешен директор на ООУ „Живко Чинго“ во Велгошти, како знак на почит кон нивниот придонес за заедницата и вредностите што ги пренесуваа на младите генерации.
„Овој турнир веќе десет години претставува едно од најпрепознатливите спортски случувања во регионот. Наменет е за деца и младинци до 19 години, со цел преку спорт, дружење и фер-плеј да се негуваат вредностите и духот што ги оставија зад себе Ѓоко Чингоски и Васко Речкоски – Профа“, велат организаторите.
По повод јубилејното издание, организаторите обезбедија и богат награден фонд. Победничката екипа ќе освои 60.000 денари, второпласираната 25.000 денари, третото место носи награда од 12.000 денари, а четвртопласираната екипа ќе добие 6.000 денари.
Ќе бидат доделени и индивидуални признанија за најдобар играч, најдобар стрелец и најдобар голман на турнирот.




