Меѓународниот олимписки комитет објавил во четвртокот дека украинската скијачка Богдана Мацоцка го напуштила Сочи.
Мацоцка и нејзиниот татко Олег Мацоцкиј објавиле дека она што се случува во Киев е против сето тоа што претставуваат Олимписките игри, а посебно примирјето.
„Како членови на олимпискиот тим, сакаме да објавиме дека сме вознемирени од потезите на претседателот на Украина, кој надежта на нашата земја ја претвори во крв наместо решавање на конфликтот со протестантите, за кој се надевавме кога тргнавме за Сочи“, рекла Мацоцка.
Потпаролот на МОК Марк Адамс рекол дека организаторите на игрите во Сочи се во постојан контакт со Украинскиот олимписки комитет по крвавите протести во Киев, во кои претходните денови животот го изгубија 30 луѓе, а уште стотина се ранети.
Легендарниот Сергеј Бубка, кој е на чело на Украинскиот олимписки комитет, од спортистите барал да останат во Сочи како би се покажало единство. Но исто така истакнал дека ќе го испочитува и правото од секој спортист кој ќе одлучи поинаку.
Засега нема повеќе информации дали покрај Мацоцка и нејзиниот татко и некој друг одлучил да го напушти Сочи.