Успешен настап на охридските стрелци на третиот Куп во гаѓање со воздушно оружје

Стрелците од охридските клубови СК „Охрид“ и ЖСК „Лихнидос“ остварија забележителни резултати на третиот Куп во гаѓање со воздушно оружје – меѓународна програма, кој изминатиот викенд се одржа во Националниот тренинг-центар во Скопје. На натпреварот, во организација на МССФ, учествуваа околу 80 стрелци, а охридските натпреварувачи освоија едно прво и две втори места.
Во јуниорска конкуренција со воздушен пиштол, Иван Милевски од СК „Охрид“ се врати на победничкиот пат по подолг период на пауза поради повреда. Тој го освои првото место со резултат од 543 круга. Вицешампионската позиција му припадна на Климент Мостро од ЖСК „Лихнидос“, кој оствари 535 круга, додека Никола Тодороски од СК „Охрид“ го заврши натпреварот на петтото место.


Во сениорска конкуренција со пиштол, Даниел Михајловиќ од ЖСК „Лихнидос“ го освои четвртото место со 521 круг, додека неговиот клупски колега Велибор Балоски заврши на седмата позиција со 503 круга.
Кај јуниорките со воздушен пиштол, Стефанија Велјаноска од СК „Охрид“ беше најуспешна, освојувајќи го првото место со одлични 550 круга.

Сестрите Стефани и Наталија Савески, кои настапуваат за ЖСК „Лихнидос“, се пласираа на четвртото, односно петтото место, со 523 и 515 круга. Шестата позиција ја освои нивната клупска колешка Милица Кочовска со 511 круга, додека младата Теодора Мицкоска од СК „Охрид“ го освои осмото место со 488 круга.
Одличен настап имаше и Тамара Кичеец од ЖСК „Лихнидос“, која во јуниорска конкуренција со воздушна пушка го освои второто место со резултат од 585,4 круга. Теодора Спироска се пласираше на четвртата позиција со 581,1 круг.
Во сениорска конкуренција со воздушна пушка, Ива Маленко од СК „Охрид“ го освои четвртото место со резултат од 600,6 круга.


Кај јуниорите со воздушна пушка, Кристијан Балоски го освои 11-тото место со 569,3 круга, Марко Трпески се пласираше на 15-тата позиција со 533,7 круга, додека Андреј Серафиноски заврши на 17-тото место со резултат од 490,3 круга.
За стрелците од двата охридски клуба претстои уште еден натпреварувачки период исполнет со предизвици. Следниот месец ги очекува настап на четвртиот Куп, а дел од нив ќе учествуваат и на меѓународни турнири во Тирана, Албанија, и Благоевград, Бугарија.
На календарот е и престижниот Walther Youth Cup, кој ќе се одржи во Смедерево, Србија.




