Skip to main content

Спортска сала билјанини извори

Утре ракометен спектакл, ГРК Охрид-РК Вардар

„Натпревар против шампионот на Македонија сам по себе е мотивација.“ Со оваа мисла ракометарите на ГРК Охрид утре го пречекуваат двократниот европски шампион Вардар. Во првата полусезона гладијаторите доживеаја два порази од овој противник, но на крилата на победата во Битола и новиот играчки кадар се надеваат на трета среќа.
 |  инфодеск  | 
Грк Охрид

Првиот натпревар на ГРК Охрид на домашен терен во плејофот не можеше да е против потежок ривал. Гостува шампионот Вардар кој во полусезоната го надополни играчкиот кадар со три нови играчи и со поширок ростер е уште посилен од есенскиот дел. Шансите за победа на охриѓани ќе зависат од тоа со кој состав скопјани ќе настапат, но ако се укаже и најмала можност за поволен резултат ракометарите на Охрид се подготвени да ја искористат.

Добро се подготвувавме за овој натпревар преку видео анализа и тактичка поставеност на играта. Можам да ветам голема борбеност и доколку ни се даде шанса се надевам дека ќе ја искористиме – изјави Крсте Андоноски.

Крсте Андоноски

Капитенот на Охрид нагласува дека поддршката од навивачката група Рибари и што поголемиот број на навивачи на трибините многу им значи, посебно во завршните минути кога концентрацијата паѓа и бројот на грешки се зголемува. Токму овој статистички податок за пивотменот Тасески е клучен дали мечот ќе има посакувана завршница.

Имаме доста промени во бековската линија за разлика од првата полусезона, но со пријателските натпревари и еден од плејофот веќе се уигравме. За разлика од претходниот дел имаме намален број на технички грешки со што ќе се прикажеме во подобро светло од есенскиот дел – изјави Иван Тасески.

Иван Тасески

Натпреварот на ГРК Охрид и РК Вардар е закажан за сабота во 18 часот и 30 минути во спортската сала „Билјанини извори“. Цената на билетот е 100 денари, а од клубот најавуваат многу изненадувања на овој ракометен спектакл.