Тренерот на Лестер Сити, Клаудио Раниери, ќе заработи бонус од пет милиони фунти ако неговата екипа го освои англиското првенство, пишува британски Times.
Италијанецот Раниери, исто така, има посебна клаузула во договорот која му гарантира по 100.000 фунти за секоја позиција која екипата ќе ја завземе над 18-то место на табелата, што му носи додатни 1,7 милиони фунти ако Лисиците завршат на првото место, односно ако освојат три бода во последните три кола на Премиер лигата.
Кога Раниери ја превзеде клупата на Лестер на крајот од минатата сезона, задачата му беше да опстане во Премиер лигата. Сопствениците на Лестер ставиле многу клаузули во неговиот договор за да го олеснат раскинувањето на договорот ако не успее. Раниери сам барал некои од клаузулите да се стават во договорот како оние ако екипата се пласира во Лига Европа, Лигата на шампиони или ако го освои англиското првенство.
Спрема пишувањето на Times, тој моментално заработува околу 1,5 милиони фунти, а во преговори е за нов договор.
На Лестер му се потребни три бода од последните три натпревари за да го освои првиот наслов првак на Англија што може да се случи во недела ако го победи Манчестер Јунајтед на Олд Трафорд или ако второпласираниот Тотенхем изгуби од Челзи во понеделник.
Раниери има прекар “вечен губитник”, а причината е повеќе од јасна. Италијанецот никогаш во својата тренерска или играчка кариера не освоил наслов првак на некоја земја со ниту еден клуб иако бил на чело на Наполи, Фиорентина, Валенсија, Атлетико Мадрид, Челзи, Јувентус, Рома и Монако. Звучи неверојатно, но е вистинито. Раниери е на прагот на 65 години и точно по 20 години откако стана тренер има прилика да го освои својот прв трофеј во некое првенство.