Skip to main content

Веслањето се поатрактивно за младите

Расте интересот за велсање. Со  формирањето на новиот веслачки клуб „Горица ремо“ веслачите  повторно ги брануваат  езерските води. Тренерите велат во училиштата, физичкото воспитување треба да биде број еден предмет, не да служи за „губење време”. Само со правилен раст и развој на децата ќе имаме успешна нација. 
 |  инфодеск  | 

Расте бројот на млади кои пројавуваат интерес за веслање. Веслањето како спорт на Охридското езеро има долга традиција, но се случи стагнација долга една декада, поради проблемите на поранешниот веслачки клуб.

Со  формирањето на новиот веслачки клуб „Горица ремо“ веслачите  повторно ги брануваат  езерските води.

„ Очекуваме од оваа година бројот да се зголеми на уште повисоко ниво. Поради тоа што официјално ќе започне школата со веслање за прв пат во Македонија, каде што на еден многу покреативен и поинтересен начин  ќе се обидеме да го приближиме веслањето затоа што се уште луѓето не прават дистинкција помеѓу веслањето, туку кога ќе се спомне веслање сите ги асоцира на кајак или веслање кајче. Но тоа е сосем различен спорт и ние максимално ќе се потрудиме да го подигнеме на едно повисоко ниво и младите да го засакаат, бидејќи жално е Охрид  има огромен потенцијал за веслање и другите водени спортови да се развиваат“, вели Александра Маленкоска тренер и државен првак по веслање.

Последниве години во земјава имаме поразителни податоци за физичкото здравје кај младите.  Според тренерите, во училиштата, физичкото воспитување треба да биде број еден предмет, не да служи за „губење време”. Само со правилен раст и развој на децата ќе имаме успешна нација. 

„Апелирам до сите родители, да ги праќаат децата да се занимаваат со спорт. Не мора да биде веслање, може да биде пливање, кајак. Ако сакаме да градиме подобра иднина тогаш мораме да имаме здрава нација. Треба сите заедно и спортски работници и докторите и родителите заедно, свеста да ја подигнеме да се практикува да се бават со спорт“, додава Маленкоска.

Маленкоска на 10 години почнала  професионално да се занимава со веслање и учествува на домашни натпревари. Минатата година беше државен првак во веслање после девет години пауза.

Новинар Соња Рилковска