Германската телевизија Das Erste објави шокантен документарен филм во кој 99% од врвните руски спортисти ги обвинува за конзумирање на допинг средства. Тие во филмот тврдат дека руските спортисти плаќаат прикривања на допинг тествите, но и дека во тоа е вмешан и врвот на атлетската организација (IAAF), која исто така прикривала резултати од тестовите.
Документарниот филм е емитуван во средата, а во него гостинка била и екс фрлачката на диск Евгенија Печерина. “Мнозинството, 99% од руските спортисти користат допинг. Можете да набавите апсолутно сѐ. Сѐ што еден спортист ќе посака”, изјавила таа.
Лилија Шобукова, Русинка која славеше на маратонот во Лондон 2010 година, признала дека платила 450.000 евра на руската атлетска организација за да го прикрие нејзиниот позитивен тест. Таа моментално е под двегодишна суспензија откако се откриени нерегуларности во нејзиниот биолошки пасош.
Во филмот се прикажува и таен снимен разговор со Марија Савина, освојувачката на злато на Олимписките игри во Лондон во трката на 800 метри, како признава дека користела забранет стероид оксандролон.
Но темел на сите обвиненија се изјавите на поранешното официјално лице на руската антидопинг агенција (Rusada), Виталиј Степанов и неговата сопруга Јулија, која беше суспендирана поради допинг. Тие пред камерите изјавиле дека официјалните лица на Рускиот атлетски сојуз набавувале допинг средства за спортистите, а за возврат барале 5% од нивната заработка од натпреварувањата.
Јулија Степанова исто така открила дека руските спортисти ги избегнуваат допинг тестовите така што во тренинг камповите се пријавувале под лажни имиња.
Откако е емитуван документарниот филм се огласиле WADA (Светската антидопинг агенција) и IOC (Меѓународниот олимписки одбор).
“Овие обвиненија ќе ги согледаме сериозно и детално ќе ја истражиме ситуацијата”, стои помеѓу другото во соопштението за јавност на WADA.
“Ова се навистина сериозни обвиненија. Доколку се покажат за точни нема да се двоумиме во превземањето на максимално ригорозни мерки во решавањето на проблемот”, рекол портпаролот на IOC, Марк Адамс.
Русија, која на почетокот на 2014 година ги организираше зимските Олимписки игри на кои имаше најмногу освојувачи на медали, момнтално на списокот на IAAF има 67 спортисти кои се суспендирани поради допинг.
Треба да се напомене, во овој контекст, дека и минатата година се повикуваа спортисти да ги бојкотираат Олимписките игри, токму поради наводниот допинг кои го користат домашните спортисти.
{loadposition content9}