Skip to main content

ГКК Охрид

Викендов решавачкиот меч ГКК Охрид-Соколи за место во Првата кошаркарска лига

Соколи пред своја публика со 79:70 го доби Охрид за егал-скор во полуфиналето.
 |  инфодеск  | 
ГКК Охрид и Соколи

Соколи пред своја публика со 79:70 го доби Охрид за егал-скор во полуфиналето, па третиот меч ќе одлучува кој ќе избори место во Првата кошаркарска лига.

Штипјани на домашен терен беа подобри од Охрид во вториот меч од серијата, и со тоа го израмни скорот на 1:1, по кој е јасно, овој викенд во Охрид ќе се игра и трет решавачки натпревар.

Првото полувреме беше доста израмнето, но штипјани стигнаа до минимална предност на полувреме 35:34, па второто полувреме во спортската сала „Јордан Мијалков“ беше клучно.

Соколи направија посериозна разлика во третата четвртина, која на крај се покажа како решавачка, откако истата штипјани ја добија со 28:15, па направија разлика од 63:49 која беше недостижна за гостите од Охрид.

Охридските кошаркари направија серија и стигнаа до негатива од шест поени кога резултатот на семафорот беше 67:61, но во следниот напад Димитриевски погоди тројка со што повторно домаќинот направи разлика во резултатот, а Охрид до крајот не успеа да ја анулира предноста, па кој ќе игра следната сезона во Прва лига ќе одлучи третиот натпревар, кој одново ќе се игра во салата „Билјанини Извори“ во Охрид.