Skip to main content

Владимир Димитриевиќ е херојот од Европско Таеквон-до ИТФ првенство во Талин кој освои бронзен медал

Владимир Димитриевиќ се закити со медал на Европското Таеквон-до ИТФ првенство во Талин, Естонија.
 |  инфодеск  | 

Македонската Традиционална Таеквон-до Федерација (М.Т.Т.Ф.), од 28-ми април до 5-ти мај 2025 година, учествуваше на Европското Таеквон-до ИТФ првенство, кое се одржа во Талин, Естонија, на кое учествуваа околу 1.000 натпреварувачи од 30 земји.

– Владимир Димитиревиќ еден од нашите најдобри репрезентативци е херојот на нашата Федерација, откако се закити со бронзен медал во спаринг борби, јуниори 16-17 години, -75 кг, која е една од најтешките категории. Поради оправдани причини организацијата на ова Европско првенство малку се оддолжи, по што нашите натпреварувачи мораа да ги одработат своите борби подоцна. Тројцата јуниори, 16-17 години, требаше да ги е борат во саботата на 3-ти мај, додека полуфиналните и финалните борби требаше да се на 4-ти мај. Владимир ја имаше таа среќа да неговата категорија не успеа да заврши навремено во планираниот рок, па неговата четвртфинална борба се одложи за утрото на 4-ти мај 2025 година, претходно славејќи победа над претставникот од Италија. Неговата борба за медал започна во 09:35 часот, против Чешкиот рапрезентативец. Владимир беше мотивиран и подготвен за освојување на медал по секоја цена. Тој не му дозволи на чешкиот натпреварувач да преземе иницијатива, домирајќи цело време, но на крајот од борбата пристрасноста на судиите ја изедначија борбата, па беше потребна и трета рунда. Од старт Владимир презеде иницијатива со што не им остави простор на судиите да можат да го оштетат и најзаслужено победи за бронзен медал. За жал поради авионскиот лет, мораше службено да ја предадеме полуфиналната борба за да стигнеме на аеродром, па моравме да се задоволиме само со бронзен медал, не знаејќи дали Владимир Димитриевиќ ќе беше прв или втор во неговата категорија. Ова е негов прв медал до Европско првенство што значи неговиот квалитет оди во нагорна линија, и се надеваме дека ќе не радува со уште поголеми успеси во иднина. Овој успех е голем подвиг, не само за него, туку и за цела Македонија, бидејќи покажува како посветеноста, напорната работа и вештините можат да доведат до одлични резултати на меѓународна сцена, вели Марјанчо Лазаревски претседател и национален тренер на М.Т.Т.Ф.

Тој додава дека Давид Крстески, кој еден од нашите најдобри натпреварувачи, во спаринг борби, јуниори 16-17 години, 63 килограми, во неговата категорија ги победи атрактивно претставниците на Англија и Бугарија, но во четвртфиналната борба против противникот на Украина беше поразен од страна на судиите, а иста судбина имаше и Христијана Парулеска претходно победувајќи ја претставничката на Германија, но во четврфинале исто како и Давид беше поразена од судиите во корист на Украина.

– Со нив и Миа Танеска, нашата дебитантка ја имаше истата судбина против Украина. Марио Крстески имаше извонредна прва рунда против поранешен Европски шампион, но поради повреда во втората рунда, не можеше да продолжи со натпреварување. Божидар Димитриевиќ во сениори во категорија -92 кг, имаше одлични борби против натпреварувачите од Грција и Бугарија, додека против неколкукратниот Светски и Европски шампион од Украина, Дмитро Пилинкевич, беше немоќен, со што како релативно млад во сенироската категорија, покажа дека е оправдано неговото место во репрезентацијата на М.Т.Т.Ф. Како мала репрезентација, јас сум сепак презадоволен од настапот на нашите репрезентатвици. Ова е шесто последователно Европско првенство на М.Т.Т.Ф. од каде континуирано се враќаме со медал, што не прави една од поуспешните федерации, потенцира Лазаревски.

Претседателот и национален тренер на М.Т.Т.Ф. Марјанчо Лазаревски се заблагодарува на Министерството за спорт и Општина Охрид, а посебно до градоначалникот Кирил Пецаков кој додатно ги мотивира натпреварувачите претходно лично посакувајќи им среќа и успех пред тргнување. Тој изразува специјална благодарност и до Генералниот спонзор ”ПН МЕТАЛ” кој е најзаслужен за сите нивни успеси и за нивниот квалитет, а истотака изрази благодарност и до спонзорите “ФЕДС “ и“ОТПАД” кои го помогнаа нивното учество на ова Европско првенство.