Skip to main content

НА ТОЧАК, ОХРИД И СТРУГА ДА ВИДАМ

Во петок ИПА ВЕЛО ЕКСПО, во сабота ИПА вело тура Охрид-Струга-Радожда

Кампањата има за цел, да ги поттикне надлежните од двата крајезерски града- идеални места за велосипедизам, конечно и сериозно да пристапат кон проект за меѓусебно велосипедско поврзување и изградба на безбедна вело патека.
 |  инфодеск  | 

Со отворање на ИПА ВЕЛО ЕКСПО и ИПА ВЕЛО штанд на 07.06.2024 година (петок) во 19.30 часот на градското пристаниште во Охрид, Интернационалната полициска асоцијација (ИПА), регион Охрид,  го започнува годинешниот ИПА ВЕЛО ВИКЕНД „НА ТОЧАК, ОХРИД И СТРУГА ДА ВИДАМ”.

Тука, пријавените учесници, ќе можат да си ги подигнат своите ИПА ВЕЛО сетови а во рамките на кампањата, на 08.06.2024 година (сабота) од 08 часот, отпочнува рекреативната велосипедска тура Охрид-Струга-Радожда. ИПА вело турата  Охрид – Струга – Радожда, постанува се поатрактивна за вљубениците во рекреативниот велосипедизам а годинава, свое учество пријавија над 100 учесници од Македонија, Босна и Херцеговина, Србија.

Претходно, на велосипедската тура учество зедоа и  велосипедистите Александар Стојков, Лазо Миноски, Владимир Секулоски и Кирил Марковски од Скопје, кои секоја година ја возат вело турата „Вера тур” низ Македонија, Србија, Хрватска, БиХ, Црна Гора и Албанија. Вело турата, лани ја следеше и МТВ.
-Со ова вело возење, ИПА Охрид, по осми пат ја афирмира идејата за велосипедско поврзување на двата крајезерски града Охрид и Струга, со современо уредена, безбедна и функционална велосипедска патека. Денеска, кога државите градат велосипедски автопати, крајно време е, и во охридско-струшкиот регион на Македонија, да имаме безбедни вело патеки а не, да возиме покрај автомобилите, автобусите и камионите, ставајќи се во сериозна и опасна ситуација како ранлива категорија учесници во сообраќајот. Не сакаме повеќе жртви-велосипедисти на нашите небезбедни патишта, на кои нема ни трага ни глас од современи вело патеки, велат од Интернационалната полициска асоцијација Охрид.

Кампањата има за цел, да ги поттикне надлежните од двата крајезерски града- идеални места за велосипедизам, конечно и сериозно да пристапат кон проект за меѓусебно велосипедско поврзување и изградба на безбедна вело патека означена со современа хоризонтална и вертикална сообраќајна велосипедска сигнализација.
Охрид и Струга  како атрактивни туристички центри во Македонија, треба многу повеќе да направат за ширење на мрежата на велосипедски патеки што силно ќе ги подигне на балканските и светските вело туристички мапи, ќе се збогати туристичката понуда, ќе се привлечат многу повеќе туристи што ќе е огромен бенефит за охриѓани, стружани, за хотелско-туристичките работници, за рент а бајк агенциите  и секако, за туристите од Македонија и светот.
Возењето велосипед е љубов, спорт, потреба, рекреација, незаборавна авантура и неповторливо доживување, порачуваат од ИПА Охрид.