Skip to main content

Втора македонска фудбалска лига

Воска ја пречекува Детонит Плачковица, Охрид гостува кај Слога

Воска нема право на грешка доколку сака да стане шампион во Втората лига.
 |  инфодеск  | 
Воска ја пречекува Плачковица

Утре се играат натпреварите од претпоследното вонредно 29. коло од Втората македонска фудбалска лига.

Фудбалерите на Воска Спорт, кои веќе обезбедија историски влез во Првата македонска фудбалска лига, утре на „Билјанини Извори” ќе играат против екипата на Детонит Плачковица од Радовиш. Воска нема право на грешка доколку сака да стане шампион во Втората лига, со оглед на тоа што Гостивар има само два бода негатива во однос на охриѓани.

Триумф над Детонит Плачковица ќе значи дека Воска Спорт ќе биде шампион во Втората лига, со оглед на тоа што во последното коло ќе игра против „фенерџијата” Борец во Велес.

Главен судија на „Билјанини Извори” ќе биде Бартон Јосип од Скопје.

Охрид утре ќе гостува во Виница, каде ќе игра против екипата на Слога. Охрид атакува на трите бодови, а како што најави и тренерот Петар Џигероски за ТВМ, шанса ќе добијат и помладите играчи. Слога без разлика на исходот е пред речиси сигурно испаѓање во Трета лига – Исток, а утре и официјално ќе ги „спакува куферите” за ранг подолу.

Главен судија на Градскиот стадион во Виница ќе биде Кирил Смоквоски од Прилеп.

Што се однесува до останатите натпревари, струшки Караорман ќе гостува кај одличната Беса, Беласица ќе биде домаќин на Арсими, Каменица Саса и Локомотива играат директно дерби за опстанок, Гостивар ќе биде домаќин на „фенерџијата” Борец, Тетекс игра важен натпревар за опстанок против Кожуф, Вардар и Пелистер го играат вечното дерби.

Сите натпревари ќе започнат во 17 часот.